Александар Јончевски својата кариера ја продолжува во шампионатот на Србија, откако екс-тренерот на МЗТ Скопје ги договори условите за преземање на кормилото на Спартак Суботица. Овој српски суперлигаш се најде во непријатна ситуација откако тренерот Душан Алампијевиќ си замина за да седне на клупата на ФМП, а од неколкуте кандидати за негов наследник челниците на Спртак го избаа токму Јончевски, стручњакот што минатата сезона освои двојна круна со МЗТ Скопје.
Јончевски денеска ја имаше својата промоција во новиот клуб, на кој претставниците на управата на Спартак напоменаа дека немаат преголеми очекувања во елитното српско кошаркарско друштво.
– Цел на Спартак во Супер-лигата е на теренот да го даде својот максимум, да го покаже својот воинствен карактер без преголемо оптоварување со резултатот. Имаме голема доверба во играчите и во новиот стручен штаб – изјави претседателката на Спартак, Јосипа Иванковиќ.
Македонскиот стручњак ќе има пеколно тешко деби, со оглед на фактот дека Спартак во првото коло од Супер-лигата се среќава со бранителот на трофејот, Црвена звезда, меч што е на програмата в петок.
Александар Јончевски ќе биде дел од стручниот штаб на македонската репрезентација под водство на новиот селектор Јорданчо Давитков, во претквалификациската фаза за пласман на СП 2019.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.