| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на уметниците Кондосфирис и Ѕани во галерија „Остен“

Во рамките на Офф-програмата на ОСТЕН Биенале на цртеж Скопје 2016, во четврток, 20 април, со почеток во 20.20 часот, во галерија „ОСТЕН“ ќе биде отворена изложбата на двајца исклучителни уметници од Грција, Харис Кондосфирис и Кристина Ѕани…

Кондосфирис и Ѕани беа учесници на Биеналето на цртеж Скопје 2016 и беа претставени во каталогот со свои репродукции.

Препознатливи по својот автентичен стил и интересна техника: Кондосфирис работи со цемент, објекти и цртежи (цемент на хартија) и Sани со исклучително впечатливо фигуративно сликарство (акварел на хартија) – тие се многу ценети уметници-претставници на јужниот сосед.

Харис Кондосфирис е роден во 1965 година. Тој живее и работи во Лерин, Грција. Студирал филмска режија и ликовна уметност. Учествувал на меѓународни проекти во Италија, Германија, Турција, Велика Британија, Бразил и Кина. Тој бил претставник на Грција во 26 Биенале на Сао Паоло, Бразил (2004) и учествувал на Биеналето на Пекинг (2005) и на Биеналето во Солун (2009).

Тој има систематска соработка со Галерија Зумбулаки (Zoumboulaki) во Атина и со галеријата Лола Николау во Солун и има периодична соработка со галеријата Технокорос (Technochoros) во Атина, галеријата Папацикоу (Papatzikou) во Верија и Галеријата 512 во Птолемаида.

Реализирал 23 лични изложби и учествувал на повеќе групни изложби во Грција и во странство. Тој беше професор по ликовна уметност во Одделот за пластични уметности при Универзитетот во Јанина (2007-2010), а во моментот е соработник-професор на визуелни и применети уметности на Универзитетот на Западна Македонија, Лерин од 2010 година.

Кристина Ѕани е родена во 1985 година во Атина, Грција. Таа дипломирала при Факултетот за ликовни уметности. Ѕани имала многу самостојни изложби, како и многу учества во значајни групни изложби.

Најважната самостојна изложба се одржала во KХ5 галерија во Цирих, насловена „Заборавени шепотења” во 2016 година, по која следеле изложбата во Археолошкиот музеј Игуменица „Надворешна чувствителност” во Грција во 2016 година, изложбите во Даблин, Ирска, но и учества на повеќе светски биеналиња.

Делата на Ѕани можат да се најдат во јавни и приватни уметнички збирки и во Грција и во странство. Таа во моментов живее и работи во Кардица, Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top