После големиот прав кој во јавноста го крена однесувањето на водителката на Канал 5, Јелена Спенџарска, кога на гледач во емисијата му рече веќе да не се јавува и да шири негативна енергија, по што беше суспендирана, таа после неколку дена молк се огласи на својот Фејсбук профил. Во објавата таа ја кажува својата страна на приказната, но не се покајува за стореното. Ова е нејзиното гледање на случката и настаните кои и се случија.
Драги пријатели,
после неколку дена отсуство од фејсбук, мислам дека денеска, на најголемиот христијански празник ВЕЛИГДЕН е вистински ден да се вратам и да ја раскажам својата страна на приказната, која, искрено, ме направи интернет сензација и некако ме фати многу неподготвена за ваквата популарност 🙂
Како и во секоја професија,така и во мојата, си станал на лева нога, си имал лош ден, ти прекипало нешто од претходниот ден, некој/нешто те изнервирало – сите си имаме свои жолти минути и нема тука многу што да дискутираме дека сите секогаш сме супер фини и максимално љубезни дали на работа или општо во животот. На секој може да му се случи, секој грешел и секој ќе греши, крај краева грешките кои ги правиме и лекциите кои ги учиме од нив не прават многу поискусни во животот.Не сакам да се одбранам, и денеска цврсто стојам зад се што имам кажано, веќе бидна и враќање назад нема. Само не можам да разберам како вие од едно видео на интернет сфативте дека дека јас сум најлошата личност на светот и треба сега да ме обесите на плоштад? Зошто никој не праша ЗОШТО јас така изреагирав? Дали некој знае дека првиот гледач од видеото се јавува секој втор ден во емисија да зборува за својот несреќен живот(без разлика која е темата), раскажува како останал сосема сам, целото семејство го напуштило, лежел во здравствени установи и нема никаква социјална помош( тоа го знам зашто сум го исслушала, нели?)Да ви кажам искрено, човекот НИКОГАШ не побара помош од нас како медиум,тој само има потреба да разговара со некој, да си ја раскаже својата судбина,а да не се разберемепогрешно, јас сум само водител, нити сум психијатар нити работам во центар за социјална работа. Работата од другата страна на камерата, верувајте дека е многу поспецифична од тоа што вие си мислите.Посебно во емисии од ваков тип каде секојдневно треба да се соочиш со најразлични профили на луѓе и да ги слушаш нивните ставови кои, исто така, секојдневно се менуваат.. Сите ме испљукавте зошто сум му кажала да не шири негативна енергија,тука изгледа згрешив зашто сега сфаќам колку вие од сабајле сте сакале да слушате несреќни животни приказни. Криво ми е зашто толку брзо донесувате одлуки без претходно да ја знаете целата приказна, но она што НАЈМНОГУ ме боли е ЗОШТО НИКОЈ ОД ВАС НЕ МИ СЕ ЈАВИ МЕНЕ ИЛИ ВО ТЕЛЕВИЗИЈА, ДА ГО ПРОНАЈДЕ ЧОВЕКОТ КОЈ Е, ОД КАДЕ Е, ДА МУ ПОМОГНЕМЕ НА БИЛО КАКОВ НАЧИН, ДА НЕ БИДЕ ТОЛКУ НЕСРЕЌЕН?Кога веќе сите се загриживте за него, ЗОШТО ВЕ НЕМА ДА ГО СПАСИТЕ? Енергијата која ја вложивте да пишувате за мене,фино лепо можевте да ја пренасочите во потрага по човекот и место да губите време нa фејcбук,можевте да направите едно исклучително добро дело.
Што се однесува до вториот гледач,секој има право да ме пофали или да ме искритикува јавно,сите ние сме различни и факт е дека не може секој да те сака.Човекот си кажа што имаше,го прашав дали редовно не прати(чисто информативно за да знам дали е во тек или не со историјата на првиот,зашто за него зборевме) и кога кажа не, веќе знаев дека нема потреба да му објаснувам понатаму,го иритирам и тоа е тоа, не е должен да ме трпи и понатака.Може да си го смени каналот.Нити го навредив. нити го повредив, нити па го убив.После си помислив дека можеби само требаше да му се заблагодарам ,но ете секунди беа во прашање, веќе кажав. И што рипнавте сите толку на овој одговор? Никој не ве тера да правите нешто што не сакате, и јас менувам канали кога некој ме нервира на тв и вие менувате.Никој со сила не ве тера да гледате нешто што не ви се допаѓа.Не можам и никогаш нема да глумам нешто што не сум за вие да ме гледате. Вакви ситуации често се случувале по емисии (дури и полоши),ама ете, сега излезе на интернет 🙂
Ви ги прочитав коментарите.Можеби не сите,но повеќето ДА. Нормално е да ме заболат, на крајот од денот и јас сум од крв и месо и имам душа.И моите родители ги прочитаа.Верувам дека и нив ги боли, но пред мене не покажаа слабост. Гледам често го употребувате зборот ПРОВИНЦИЈАЛКА. Од такви како мене сте си заминале од државата и не сте успеале во животот.Се чувствувам ГОЛЕМО-баш ради мене не сте успеале во животот,значи треба да сум некој опасен фактор чим е таква работата. И штом вие со денови ме коментирате и пишувате за мојот карактер значи не сум никој и ништо-добро е 😊Најсмешно од се е дека дечките кои до вчера ми пишуваа –срцка топ си, маче и такви лигавења и девојките кои ми пишуваа од кај ми се штиклите се истите на кои денеска сум им одвратна и треба да се тргнам од екраните.Дечки, тоа кажува за вас НЕ за мене. А,дека сум провинцијалка-ДА! Сум и тоа ГОРДА.И гордо стојам позади секој ПРОВИНЦИЈАЛЕЦ кој дошол во големиот град за подобра егзистенција.И да се разбереме,зад ваквата миграција стои државата, не се виновни луѓето. Малце е глупаво да кажете дека ради мене,Трајко, Петко,Станко вие не сте успеале во животот, за секој има место под ова сонце и секој си ја носи својата судбина, можеби вашите пет минути допрва доаѓаат.
Вчера почина мој школски пријател, а денес требаше да му играме на свадба.Невестата е трудна.Оваа ситуација ми беше најсилниот шамар,поболен од сите ваши одвратни коментари. Колку е животот непредвидлив. Колку време губиме да ги омаловажиме другите, да згорчиме нечиј живот, да уништиме некој зашто добро му иде.Говорот на омраза е посилен од љубовта,не простуваме грешки, живееме за фаќање сеир, мразиме ….Не си го гледаме сопствениот живот и сопствената нечистотија.Едвај чекаме некој нешто да погреши и да му ја скинеме главата.Никогаш нема да бидам таква личност.Можеби ќе ми се спојат жичките, ќе имам бурни моменти, нема да размислам двапати, ама никогаш нема да бидам личност која ќе ти ископа гробот.Знам дека Бог е голем и дека големи се шансите јас да си легнам во него.
БРАНЧЕ, почивај во мир.
И како голем верник, сакам да ви го честитам ВЕЛИГДЕН, да ви посакам многу среќа зашто тоа гледам ни недостига на сите, но најмногу да ви посакам ЗДРАВЈЕ. Да им приоѓаме на проблемите со насмевка,зашто нервозите еден ден ќе си го направат своето, а се е џабе кога си болен.Бидете ми живи, здрави и радосни, ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ.
П.С. Сакам јавно да ви се заблагодарам на сите кои бевте со мене во овие тешки денови и кои ми изразивте поддршка.Сега барем знам кој што ми мисли, кои ми се вистински пријатели и верувајте на сите дупло ќе ви вратам 🙂 А, за моите професионални ангажмани во матичната куќа ќе ве информирам од следната недела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.