| четврток, 6 декември 2018 |

Милошоски: Еди Рама за свој политички профит се меша во Македонија

Зошто би ни бил потребан Еди Рама како посредник за животот, проектите и заедничките цели на Македонците во Тетово и на Албанците, Турците, Србите и на Ромите.

Единаесетти ден по ред продолжи конститутивната седница на Собранието, на која расправа по третата точка од дневниот ред – избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Претпладневниот дел од седницата во најголемиот дел помина на толкувања на членовите 78 и 80 од Деловникот на Собранието, дали може или не да се побара измена на дневен ред додека уште трае претресот на третата точка.

СДСМ побара да се премине на четвртата точка од дневниот ред – избор на претседател на Собранието. Со тоа не се согласува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека тоа е спротивно на Деловникот. Тие инсистираат најпрвин да се исцрпи расправата за третата точка – избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ претпладнето од собраниската говорница го праша Томислав Тунтев дали СДСМ има платформа или не, по што пратеникот од СДСМ му одговори негативно.

Неговата сопартијка Лилјана Кузмановска ги обвини пратениците од СДСМ дека со денови не дозволуваат дебата за тиранската платформа за, како што рече, да не се обелодени предавството за коешто СДСМ се подготвени и го ветиле за да дојдат на власт.

Пратеникот од НСДП, Горан Мисовски, пак го повика претседавачот Трајко Вељаноски да покаже доблест и да каже дека не поддржува сценарио кое е во спротивност на парламентарното мнозинство. Тој праша зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат по секоја цена да не дојде до избор на претседател на Собранието.

Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека СДСМ прави пуч во Собранието.

– СДСМ на брутален начин, со процедурални забелешки, како на пазар секој ден го толкува Деловникот. Вие сакате без процедура да одбере претседател на Собрание. Како што минува времето, надвор има сѐ повеќе народ. На 11 декември СДСМ ги изгуби изборите и без разлика што сте прифатиле, ќе останете во опозиција. Ова е класичен државен удар, а потоа ќе нема враќање назад, Македонија ќе биде дестабилизирана – рече Василевски.

Сурија Рашиди од Коалицијата „Алијанса за Албанците”, меѓу другото, рече дека во Собранието се случува класично силување на волјата на малцинството врз волјата на мнозинството преку прекршување на Деловникот.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека никој во Република Македонија ниту пред изборите не гласаше за некои политичари да направат предизборна или постизборна фотосесија со Еди Рама.

– Делувањето на Еди Рама како политичар нам не ни помогна во односите со Албанците во Македонија. Тој го направи тоа од свои политички или не знам какви други изборни или предизборни причини – рече Милошоски.

Во контекст на тоа праша зошто би ни бил потребан Еди Рама како посредник за животот, проектите и заедничките цели на Македонците во Тетово и на Албанците, Турците, Србите и на Ромите.

– Само се направи поголема штета, се создаде поголема недоверба и се прекрши еден принцип којшто важи за сите држави, а тоа е немешање во внатрешните работи на која било суверена држава, па макар и таа да е соседна држава – рече Милошоски.

Праша што ќе се случи ако се направи платформа во Белград за БиХ или за Црна Гора, или што би било ако се направи платформа во Приштина за тоа кој во Тирана треба или не треба да формира влада.

– Таквото однесување е само еден неодмерен потег на некој што во тој момент не бил на нивото на својата задача – рече Милошоски.

Според него, постизборните платформи се изборна измама за довербата која граѓаните ја дале на изборите.

Претседавачот со седницата Трајко Вељаноски даде редовна пауза по која пратениците ја продолжија расправата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top