| четврток, 6 декември 2018 |

Дневник: Владина програма пред јавноста, тиранска платформа за потписи од албанските партии

zaev-programa

Таканаречената владина програма – за која Социјалдемократскиот сојуз тврди дека е единствената платформа за која може да се разговара, обидувајќи се на тој начин да го сврти вниманието од првичното прифаќање на условите во тиранската платформа, нема значење за албанскиот политички блок, на чија поддршка СДСМ се надева за евентуално формирање влада, пишува Дневник.

Со други зборови, оваа програма е само обид на СДСМ за манипулација со јавноста дека тиранската платформа не постои. Всушност, партијата предводена од Зоран Заев никогаш категорично не ги демантира јавните тврдења на функционери на ДУИ, „Алијансата за Албанците“ и Беса, повторени повеќепати, по промоцијата на владината програма, дека СДСМ ги прифатил сите точки од платформата изготвена во Тирана.

Дека т.н. владина програма нема вредност во овој формат, вчера за „Дневник“ индиректно потврдил пратеникот од Беса, Африм Гаши. Во врска со изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски дека тоа што „СДСМ го претстави како програма е замајување на јавноста, а оти основа за формирање на мнозинство е прифаќањето на тиранската платформа“, Гаши искоментира оти за Беса, т.н. владина програма е само рамка.

– Нашиот став е идентичен како и тогаш – ден откако СДСМ ја промовира. За нас е само рамка за која допрва треба да се разговара и да се проширува – рече Гаши.

Во прилог на тврдењето дека СДСМ се обидува да ја манипулира јавноста вртејќи го вниманието кон својата програма, оди и фактот што остана енигма што писмено му гарантира Заев на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред да му ги даде потписите. СДСМ се уште и должи објаснување на јавноста какви пишани документи и даде на ДУИ на 11 февруари откако претходно Ахмети побара писмени гаранции од Заев во врска со црвените линии во платформата.

Додека Заев категорично не ја отфрли тиранската платформа како збир од услови наметнати од надвор, ниту шефот на државата Ѓорге Иванов нема да му го даде мандатот за состав на влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top