Вечерва на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот ќе се одржи извонредната претстава „Од Цирих со љубов“ на Универзитетот за убави уметности, Цирих, Швајцарија во рамките на 13. „Танц фест 2017“ кој се одржува во Скопје и во Велес.
Ова е прво поголемо гостување на танцова компанија од Швајцарија на Танц Фест, а на сцената ќе видиме 18 танчери во четири различни дела од врвни кореографи и тоа: Рено Вајсер, Емануел Соави и Барак Маршал, поранешен кореограф во престижната „Батшева“ танцова компанија од Израел. Посебен куриозитет во програмата за скопската публика е кореографијата на Адријана Данчевска од Скопје танцовиот театар, која во фебруари оваа година беше гостин-кореограф во компанијата и го создаде делото „Погрешно“ со осум танчерки на сцена, на музика на групата „Верка“.
Правата короеграфија под наслов “Еnsemble/Аssemble“ на Рено Вајсер е физичко истражување на идејата за поврзување. Понекогаш нежно, антагонистички или функционално, истражува различни линкови кои ги поврзуваат луѓето. Кореографијата „Погрешно“ на Данчевска е истражување на женската психа и границите во кои таа се движи, како и излегувањето надвор од нив. Третиот дел на Емануел Соави, „Mouse Chapter“ е дело што ги заматува границите помеѓу пет идентитети кои се поврзани едни со други: помеѓу намерни движења и рефлексите на нивните тела. Еден пред друг, нивното однесување и гестови стануваат знак на среќа, добри расположенија, мноштво на движења. Еден вид на дијалог во кој изведувачите на сцената создаваат форми на дејствување, кои стануваат еден момент во животот. Последното кореографско дело „The Castaways“ првично е направено за познатата Рамбер компанијата од Лондон, во октомври 2013 година на сцената на исклучителниот театар Садлерс Велс. Делото проследува патување на дванаесет луќе, чии души се заробени во ничија земја – пеколот произлезен од нивниот начин на живот. Сите жители на овој затвор се жртви на сопствените гревови и слабости. Во нивната потрага за излез тие го овековечуваат истиот маѓепсан круг од кој се обидуваат да избегаат.
Помеѓу овие кореографии ќе го видиме и танцовиот филм „Крварење на срцето“ на Нунзио Импелиери, едно многу интересно дело кој е направен со голема кретивност и посветеност, со срцепролевање и љубов од страна на сите учесници, за да ги поддржат активностите на Til Schweiger Фондацијата. Идејата произлезе од желбата да се помогне некако на трауматизираните деца бегалци.
Рено Визер е кореограф со седиште во Лондон. Тој е роден во Швајцарија. Се школува како танчер во Женева, по што се вработува во компанијата „Балет Јуниор” во 1998 година. Во текот на студиите, на Рено му е доделена Мигрос стипендија за млади таленти за три последователни години.
Адријана Данчевска е танчер и кореограф во Скопеј танцовиот театар. Завршува Скопје танцова академија, под менторство на проф д-р Рисима Рисимкин, а во моментов работи и како нејзин асистент. Учествува во севкупната продукција на Скопје танцвоиот театар, а гостува и на проекти надвор од земјава. Како кореограф, за Скопје танцовито театар создава повеќе кратки кореграфии: “32°”, (дел од претстават “Импулс“); “Alive somewhere else” (2014); “Four” (2016); “СИМБОЛ”(2016) и “Wrong” за Универзитетот за убави уметности од Цирих. Настапува со Скопје танцовиот театар на сите негови гостувања во и надвор од земјава и тоа фестивал за танц и невербален театар, Сенвинченто, Хрватска, ИТС фестивал, Амстерам, Холандија, Келн, Германија, Пекинг, Кина, “Open stage program” во Хаг и Ротердам, Холандија.
Емануеле Соави ги започнува своите танц студии во неговиот роден град Ферара. Танцот го носи до Балето ди Тоскана и Атербалето Реџо Емилија. Во 1996 година тој го има својот прв ангажман како танчер во Опера Рима со Рафаеле Паганини.
Роден и пораснат во Лос Анџелес, Барак Маршал е син на реномираниот кореограф, музичар и поранешната ѕвезда на Инбал Танц Театар Компанија, Маргалид Овед.
Во 1995 година, кога случајно започнува да се бави со танц, Барак се етаблира како еден од најиновативните и уникатни гласови во Израел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.