Според Законот за јавни патишта плаќање на надоместок за употреба на пат (патарина) може да се воведе за употреба на автопат, експресен пат, магистрален пат или нивен дел употреба на мост, вијадукт или тунел, изграден заради скратување на трасата на постојниот пат.
Корисникот на патот е должен да застане на наплатната рампа заради наплата на патарина. Секој е должен да плати патарина при поминување на наплатна рампа при што строго е забрането кршење на наплатната рампа при преминување на наплатната станица.
Наплатата на патарината ја врши Јавното претпријатие или правно лице избрано од страна на Јавното претпријатие на јавен оглас согласно со закон. За платениот надоместок на корисникот на патот му се издава билет за патарина – фискална сметка или билет за наплата на патарина со претплата која корисникот е должен да ја чува во возилото за цело време на движење на патот како доказ за наплатена патарина и да ја покаже на овластеното службено лице, определено со закон.
Глоба во износ од 100 до 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на корисникот на патот кој фискалната сметка не ја чува во возилото за целото време на движење на патот или не ја покаже на овластените лица определени со закон.
Од плаќање на патарина за време на служба се ослободуваат:
1) Возила со полициска придружба и
2) Видливо означени возила на Армијата на Република Македонија, полицијата, Царинската управа, Јавното претпријатие, итната медицинска помош, Црвениот крст на Република Македонија, противпожарните служби, Државниот инспекторат за транспорт, Институтот за трансфузиона медицина на Република Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување, Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат“ – Скопје и погребалните возила.
3) Од плаќање на патарина се ослободуваат возилата на лица заболени од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплемија, детска парализа (полиомиелитис) слепите лица со оштетување на видот над 90%, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување од 80% утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
За да го користат правото лицата треба да поседуваат членски книшки, издадени од Здруженијата – Сојузите во кои членуваат, кои заедно со документацијата за болеста согласно наведеното во Законот и копија од сообраќајната дозвола од возилото што се користи преку нивните Здруженија – Сојузи, барањата се доставуваат до Јавното претпријатие за државни патишта. Документацијата се прегледува и потоа, доколку е се во ред, членската книшка се потпишува и заверува, со што се потврдува нивното право на ослободување од плаќање на патарина и писмено се известуваат Здруженијата – Сојузите за истото. Кога поминува лицето низ наплатните станици заедно со возилото, ја дава на увид и членската книшка во која стои запишана и регистерската табличка од возилото кое се ослободува.
Извор: Правдико
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.