Имиџот на СЕХА-лигата како сериозен проект придонесе раководството на регионалното натпреварување да ја продолжи соработката со „Гаспром“ како генерален спонзор, до 2021 година. По состанокот на највисокото раководство на СЕХА во Брест, беа избрани нови членови на Управниот Одбор, воедно и Божидар Ѓурковиќ од Ракометната Федерација на Србија беше избран за нов потпретседател на СЕХА.
– На денешното собрание задоволството е исто од сите седум федерации. Можеме да потврдиме дека лигата се движи во вистински правец и ќе се трудиме постојано да ја подобруваме. Едногласно констатираме дека епитетот на лигата е брилијантен. Посебно ми е мило што добивме пофалби и од спонзорите. Целта ни е лигата да биде најквалитетна во Европа. Ги одбравме и новите членови на управниот одбор. Бројот на клубовите останува ист, како и бројот на натпреварите, новости околу следната сезона ќе знаеме во јуни – изјави претседателот на СЕХА, Михајло Михајловски.
Наспроти ставот на Михајловски за останување на бројот на учесници на десет, директорот на лигата, Синиша Остојиќ најави дека секогаш има простор за проширување на првенството доколку интересот е голем. Но, ситуацијата со Веспрем засега е неизвесна бидејќи имаат притисок од федерацијата да се натпреваруваат само во унгарското првенство.
– Детали околу идните учесници засега нема, но ако има простор за зголемување на бројот на екипи, значи дека лигата се развива, што е добро. Точно е дека српските екипи сакаат да се вратат, но останува неизвесна ситуацијата со Веспрем. Ќе чекаме да завршат домашните првенства, за да направиме инспекции, па потоа ќе донесеме одлуки кои тимови ќе настапуваат во следната сезона. Отворени сме за надградба и усовршување на лигата за да бидеме поквалитетни – изјави Остојиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.