| четврток, 6 декември 2018 |

„Тајфата и Димитар“: Од кризата во поп-музиката го создадовме новиот етнопоп-правец

Со оглед на моето искуство, сметам дека поп-музиката не е доходовна, а трудот и средствата вложени во неа не се баш исплатливи. Поради кризата што ја доживува поп-музиката, се одлучивме да се посветиме и да се обидеме да направиме комбинација на два музички правци - етно и поп – нешто што се надеваме дека ќе привлече внимание кај публиката, вели Димитар Андоновски.

„Седум дена, седум ноќи“ ќе биде првата песна со која „Тајфата“ ќе ѝ се претстави на публиката во новиот состав, сега засилен со пејачот Димитар Андоновски. Групата, која неколку пати имаше промена во својот состав, сега сигурно чекори кон врвот.

Тајфа – група луѓе или дружина најчесто мајстори, ѕидари и сл., но може да бидат и разбојници или други слични банди – од Речник на македонскиот јазик – том III

– Е ова е музичка тајфа, дружина на музички мајстори, банда која заспива и се буди со музиката – велат членовите на „Тајфата“.

За да се дојде до вистинската комбинација, понекогаш се потребни промени за вистински успех, сметаат Александар Тренчовски, Владимир Богески и Живко Чиртоски, момчињата од групата.

Соработката тече подобро и од тоа што очекувавме. Направив голем чекор, кој сметам дека беше исправен затоа што групата „Тајфата и Димитар“ допрва ќе ја освојува публиката од сите генерации, ќе инвестира малку посериозно во кариерата и ќе понуди нешто ново на македонската естрада – вели Димитар Андоновски.

За членовите на групата, пак, спојот на „Тајфата“ со личност како Димитар претставува вистинско задоволство и чест бидејќи тој е вистински професионалец во работата и, пред сѐ, голем човек.

Секако дека е поразлично бидејќи групата претставува една целина од повеќе уметници. Сите членови функционираат и придонесуваат подеднакво во своето музичко семејство, т.н. бенд. Најуспешни групи се тие што целат кон едно исто, непристрасно и без суета се посветуваат на работата и музиката ја сфатиле како сопствен бизнис на кој мора да си посветен максимално. Такво музичко семејство се „Тајфата и Димитар” – вели Андоновски.

Според него, да бидеш дел од група има повеќе предности.

Најпрво би го издвоил тоа што обврските се поделени подеднакво на членовите, постојано има надополнување на идеи, поддршка… Додека како мана го сметам тоа што одлуките во групата мора да бидат донесени едногласно, при што често се случува да дојде до различни ставови, па барање компромиси. Додека како сам изведувач одлуките се донесуваат полесно на своја сметка – вели тој.

Како некој што веќе настапувал на евровизиската сцена, што мислиш за овогодишната песна? Има ли реални шанси Македонија?

„Евровизија“ е најголемиот музички хепенинг на кој сум имал можност да настапам и да ја доживеам целата таа енергија. Сметам дека најголемиот адут за успех е лобирањето, а за тоа се потребни големи финансии. Исто така, голема улога има и политиката, а музиката и песната, кои треба да бидат на прво место и пресудни за победа, за жал, во случајот се небитни. Сметам дека годинава имаме песна со модерен и светски звук и имаме одличен пејач што ќе нѐ претстави. На Јана ѝ посакувам многу успех и се надевам дека настапот ќе ѝ донесе голем успех во светски рамки – смета Андоновски.

Пред групата е тешка задача. „Тајфата“ воведува нов музички правец, етнопоп, за кој се сигурни дека ќе допре до публиката.

Со нашето долгогодишно искуство како професионални музичари, нашите многубројни проекти и желбата за истражување и за комбинирање музички правци успеавме да воведеме еден нов правец во музиката, кој го нарековме „староградски рокенрол”. Преку нашиот последен проект, албумот „Еден пат за еден живот“, успеавме на публиката да ѝ го доловиме тој навистина нежен, романтичен, но, сепак, модерен мелос. Сега со проширувањето на „Тајфата“ со Димитар, кој веќе долги години е во врвот на поп-музиката, несомнено е дека ќе успееме со нашиот нов проект на што помелозвучен начин да ги споиме стиловите во еден заеднички етнопоп – велат од групата.

DSC00250 copy

Моите сингл хитови се добро познати во категоријата на забавната музика. Но, со оглед на моето искуство сметам дека поп-музиката не е доходовна, а трудот и средствата вложени во неа не се исплатливи. Поради кризата што ја доживува поп-музиката, се одлучивме да се посветиме и да се обидеме да направиме комбинација на два музички правци – етно и поп – нешто што се надевам дека ќе привлече внимание кај публиката. Таа задача им ја доверивме на моите долгогодишни соработници и драги пријатели Лазар и Магдалена Цветкоски, кои одлично ја изработуваат, а наскоро ќе чуете и како звучи – вели Андоновски.

За нивната прва заедничка песна неодамна се снимаше и видеоспот. Во спотот, покрај членовите на групата, се појавува и убавата охриѓанка Тијана Зулфи, а режисерската палка ѝ припадна на „Веста продукција“. Промоцијата на видеоспотот е закажана за неколку дена, а дотогаш песната ќе може да ја слушнете на повеќето радиостаници во земјава.

Групата во наредниот период ја чека многу работа.

Многубројните настапи во нашата земја и надвор од неа и позитивната реакција на публиката нѐ мотивираа да снимиме неколку мелодии, меѓу кои и песната „Седум дена, седум ноќи“, со која го најавуваме новиот етнопоп-проект на „Тајфата и Димитар“ – велат од групата.

 

Димитар за неговата најважна улога – татковството:

Оваа улога е мојата омилена иако е доста сериозна, а знае да биде и повремено тешка. Непроспиените ноќи поради плачење се забораваат со само една насмевка од своето чедо. На мојата сопруга ѝ помагам колку што можам бидејќи подолго време сум отсутен од дома поради налагањата на мојата професија. Секогаш кога сум на пат, тие ми недостигаат и едвај чекам да завршат обврските, да се вратам дома и да го поминам секој миг со нив.

 

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 240. број на неделникот „Република“, 07.04.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top