Во предлогот од Москва има многу нелогични тези, а една од најнавредливите работи е комуникацискиот канал преку кој ни доаѓаат пораките за нашата иднина. На оваа тема досега никогаш не се разговарало на средба меѓу Путин и македонскиот претседател Иванов или, пак, на средба меѓу министрите за надворешни работи Сергеј Лавров и Никола Попоски. Првата бомбастична порака за планот на Москва ни дојде по средбата меѓу српскиот експремиер, а сега избран претседател Александар Вучиќ со Владимир Путин, а потоа и преку српските медиуми, кои најавија дека Москва ќе назначи специјален претставник на Балканот, Сергеј Железњак, кој лани самиот говореше за доминантно христијански сојуз во регионот. Предлогот, пред сѐ, е неприфатлив затоа што самиот состав на таканаречената неутрална група Б4 кажува дека Белград треба да е главната оска на која треба да се потпре целиот регион, а тоа, пак, беше една од главните причини за распадот на Југославија и подоцна за македонската независност. Друга важна мана е неговиот капаците за конфликт. Зар некој може да го исклучи судирот меѓу Косово и Албанија, кои би останале во блиски односи со САД и со НАТО, и таканаречената неутрална група Б4, која, ако навистина се оформи, својата неутралност ќе ја брани со руско оружје, како тоа што неодамна го доби Србија?
Русија е конструктивна за името, ништо повеќе ништо помалку
Во врска со Русија, фер е да се каже дека оваа земја досега водеше конструктивна политика во врска нашето име. Без разлика дали покојниот бугарски претседател Жељу Желев го убедил рускиот претседател Елцин да ја признае Македонија под уставно име на аеродромот во Софија или се работело за автентична стратегиска одлука на Кремљ, Македонија е благодарна за таа принципиелност. Сепак, не треба да се заборави дека Русија веќе најави дека доколку дојде до каков било договор меѓу Македонија и Грција за името, веднаш ќе почне да го користи името што Атина ќе се обиде да ѝ го наметне на целта меѓународна заедница. И, секако, треба да се земе предвид дека Русија ниту во последниве 126 години, ниту во последниве 26 години не презеде ниту еден чекор со кој ќе испратеше гаранции дека Македонија може да смета на неа.
Можеше ли Москва да помогне во минатото?
Огромната поддршка за членството во НАТО и во ЕУ меѓу македонските граѓани (иако анкетите во последниве неколку години забележуваат негативни трендови) во голема мера се должи и на целосната незаинтересираност на Русија за Македонија. Официјална Москва не мрдна со прст за време на грчкото ембарго за Македонија, Кремљ не се ни обиде да влијае на неутралната позиција на Руската православна црква и на патријархот Кирил во однос на црковниот спор меѓу Српската и Македонската православна црква иако од таму имаше неколку иницијативи за надминување на внатреправославниот конфликт. Немаше стратегиска соработка ниту во енергетскиот сектор каде што Русија е гигант во светски размери , освен ако за соработка не се сметаат дваесетината бензински пумпи на „Лукоил“ во Македонија. За споредба, истата руска нафтена компанија во САД има повеќе од 1.500 бензински пумпи.
Значителна поддршка за Македонија немало ниту во образованието или културата, а ако ги анализирате бројот на странски стипендии за македонски студенти, процентот на Македонци што можат да заминат на некој од руските универзитети е драматично помал од тие што заминуваат на запад. Слично е и со работната сила, 90 проценти од македонската емиграција заминува таму каде што се извезува македонската стока. А во земја како Русија со 150 милиони жители и релативно „гладен пазар“, каде што државата сѐ уште решава за трговската политика, Македонија е застапена со минимални количини на своите производи, овошје, зеленчук или софтвер.
Македонија не е Црна Гора и Србија
Со други зборови, Русија со своето поведение и незаинтересираност во последниве децении не заслужи сега да бара или да наметнува свои правила на игра во Македонија. Ситуацијата во регионот во однос на Македонија, се разбира, е поинаква, Москва може да е разочарана од развојот на настаните во Црна Гора каде што руски инвеститори поврзани со руските власти инвестираа милијарди евра, ги насочуваа руските туристи со скапи пропагандни кампањи и со субвенционирани летови кон црногорското приморје. Москва може да е разочарана и од Србија, која иако најавуваше дека никогаш нема да стане членка на НАТО, сѐ повеќе кокетира со алијансата со која ќе мора да биде во братски односи кога еден ден ќе стане членка на ЕУ. Притоа, да не ги споменуваме опциите за формирање европска армија со која, колку и да не сака, ќе мора да биде дел од Северноатлантската алијанса.
Во Македонија не може да има таков простор за разочарување. Македонија ѝ е благодарна на Русија за нејзината принципиелност при спроведување на меѓународните принципи, но едно мало потсетување на дипломатските врски меѓу Скопје и Москва ќе покаже дека во последниве десетина години немало официјална средба на руски и на македонски лидери. Да, и претседателот Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, додека беше премиер се среќаваа со Путин или Медведев, но тие средби секогаш беа на маргините на некои настани, пред сѐ, на економскиот самит во Санкт Петербург или на меѓународни конференции во Москва и во други земји. Никогаш во Кремљ на официјална средба со сите почесни церемонии преку кои ќе беше испратен сигнал дека Русија, навистина, ја почитува Македонија како свој партнер. Вака испраќајќи пораки преку Вучиќ и евентуални специјални пратеници за Балканот, наведуваат на помисла дека Русија ѝ кажува на Македонија дека нејзината позиција во новиот светски поредок е во сенката на српскиот хегемонизам, кој ќе ги застапува руските интереси на Баланот. Затоа руските предлози за Балканот се „non – issue“.
Ни на запад ништо поинакво
Слични искуства со средбите на највисоко ниво Македонија има и со западните партнери, долго пред почетокот на последната политичка криза во земјата, највисоките македонски лидери не се примани на официјални средби во Белата куќа, Даунинг стрит 10 и други седишта на западни влади. Последен претседател што влегол во овалната соба беше покојниот Борис Трајковски, последен премиер професорот Бучковски, а последен што бил во официјална посета на Берлин во 2006 година беше тогашниот премиер Никола Груевски.
Причините се едноставни. Овие средби, кои се исклучително важни за домашните лидери да покажат пред јавноста дека ја имаат поддршката од светот и од западните партнери, речиси секогаш се поврзуваат со прашањето за името. Нивното закажување се користеше и сѐ уште се користи како морков за да се убедат „непослушните“ да прифатат да го променат името и да го затворат болното македонско прашање за кое сите знаат дека Македонија не е виновна ама поради кое не сакаат да си ги расипат односите со Грција. Кога западот сфати дека Груевски и Иванов нема да се повлечат од своите позиции против менување на името и на идентитетот, решија да не ги канат на официјални посети за да ги казнат пред домашната јавност и пред опозицијата, која оваа ситуација ја користеше во своето тврдење за „изолација на режимот“.
Реално, како што на Бучковски во 2006 година не му помогна посетата на Белата куќа и поддршката од САД за спроведената територијална реорганизација на државата, така и на Груевски и на Иванов не им одмага тоа што Вашингтон, Париз, Лондон или Берлин делумно ги бојкотира. Или, како што на Заев не му помогна обидот да се претстави како „протеже“ на дел од западните демократии. Пред сѐ затоа што македонскиот народ и сите граѓани во овие 27 години имаа време да научат, да ги сфатат и домашните политички интриги, но и меѓународните измами и принципи врз основа на кои функционира светот во кој само интересите се вечни, а сѐ друго е маркетинг.
И западните лидери имаат совест
Кога во 2009 година Македонија извојува огромна победа на нивни терен, пред Меѓународниот суд за правдата во Хаг, каде што Грција беше „осудена“ за прекршување на привремената спогодба, а Македонија беше исчистена од сите грчки обвинувања, за западните центри на моќ поканата за македонски политички лидери се претвори во кошмар. Кој западен принципиелен политичар, кој држи до меѓународно право и до Повелбата на Обединетите нации, би сакал да се стави во позиција да одговара пред македонски политичари зошто тој како шеф на држава или влада на земја што го основала светскиот суд сега не сака да ја спроведе кристално чистата одлука во корист на Македонија? Во таков случај најдобра стратегија е тивок бојкот за „непослушните“ лидери на малата Македонија, која на овој или тој начин ќе „си легне на брашното“. Како што се случи во 2005 година, кога некои прашања не заслужуваа одговор, а Зајас и Велешта станаа господари на Струга и на Кичево.
НАТО и ЕУ имаат право само ако ние им го дадеме
Се разбира дека членките на ЕУ и на НАТО имаат многу повеќе право од Русија да бидат дел од домашните политички теми, да даваат сугестии за решенија или да предлагаат патокази, но не затоа што досега потрошиле повеќе од две милијарди долари за поддршка на македонските реформи или затоа што Македонија е слаба и мала држава. Туку затоа што ние сакаме да бидеме дел од нив, и покрај тоа што е очигледно дека од другата страна нема исти емоции. Се разбира дека и Македонија членството во ЕУ и во НАТО го базира на интерес, поголема трговија со западот, решавање на безбедносните прашања, учество во енергетски проекти и слични стратегиски интереси. Но, сепак, треба да биде кристално јасно дека овој однос е двостран и дека секоја од страните има црвени линии преку кои не може да помине иако и во 1999 година за време на бегалската криза од Косово и конфликтот во 2001 година се покажа дека Македонија е таа што многу полесно ги менува своите позиции кога е притисната. Македонија не смее својот однос со ЕУ и со НАТО да го гради на принцип на вазалство туку на рамноправност што на прв поглед може да звучи смешно, но, реално, овој однос нема алтернатива.
Без заемно почитување нема ни унија ни супердржава ни кохезија
Принципот на реципроцитет, на почитување на ОН , на европското законодавство, на респект за националниот идентитет, мора да важи за секого, инаку Македонија кога ќе влезе во ЕУ ќе биде не партнер туку окупирана територија. Зошто Македонија да мора да им даде специјални права на Албанците ако исто толкав процент Португалци во Луксембург, во земјата на актуелниот шеф на Европската унија, не можат да добијат ни користење на мајчин јазик во основните училишта? Зошто Турците во Бугарија да не можат да учат на мајчин јазик, или зошто Македонците во Грција да не можат да се декларираат како Македонци кога меѓународни европски судски институции им го гарантираат тоа право. Да, Македонија е мала земја, и слаба, оштетена од долгогодишната криза, но никогаш нема да биде толку мала и слаба за да прифати сопствено кастрирање.
Европската унија и САД мораат добро да ја анализираат реалноста и да ја научат историјата. Ако ја сакаат Македонија како горд партнер, тука сме за преговори, за разговори за разумни компромиси, но ако нѐ сакаат само за пополнување дупки и за затворање геостратегиски проекти, не сме добри партнери. Нека ги прашаат Турците, Србите, Германците, Грците, Бугарите, Италијанците и Албанците. Сите што во Македонија влегле со нечесни намери, не си поминале добро. Наспроти тоа, сите што во Македонија дошле со добра намера, си заминале среќни и весели.
(Текст објавен во 240. број на неделникот Република, 7.04.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.