| четврток, 6 декември 2018 |

Албанија отвора нов остров за туристи

Албанското Министерство за одбрана се согласи да го отвори во текот на летото за туристи островот Сазан, воена база, која се уште се наоѓа под негова управа.

Министерот за одбрана, Мими Кодели потпиша вчера спогодба со министерот за економија Милва Икономи за доделување дозвола за посети за периодот од мај до октомври.

Икономи ја означи спогодата како „важен настан за албанската економија“, со оглед на тоа дека голем број туроператори сметаат дека по обезбедувањето пристап, Сазан ќе се претвори во популарна атракција за туристите.

Островот, кој некогаш беше заштитено и изолирано место, има бункери и тунели, наменети да издржат нуклеарни напади.

Тој и натаму останува мистерија за голем број Албанци и покрај тоа што таму некогаш живееле над три илјади војници. Тој има официјален статус на воена база, каде сега има едвај неколкумина војници.

Сазан, најзападната точка на Албанија, некогаш била користена од фашистичкиот режим на Италија во текот на ’30-те години од минатиот век. Албанскиот комунистички режим подоцна таму изгради ровови и тунели, за да спречи евентуална западна инвазија.

И покрај падот на комунизмот во 1992 година во разурнатите згради се уште има стари кревети, кујнски садови, училишни клупи и столици.

Кодели изјави дека Владата размислува да ги дозволи туристичките посети и на другите две военопоморски бази, Паше Алимани и Орикум, каде има археолошки наоѓалишта.

Околу 4,7 милиони туристи ја посетиле Албанија во 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top