Двајца мртви и седумдесет потенцијални жртви на лекар, анестезиолог во Франција. Ова е билансот од истрагата за случајот кој ја крена на нозе француската јавност. Во центарот на вниманието се најде анестезиолог Федерик Пешије (45) и двете приватни клиники каде што работел во францускиот град Безансон.
Федерик Пешије важел за еден од најценетите стручњаци во својата област и токму заради неговата беспрекорна репутација му било доверено да го подготвува распоредот за сите анестезиолози во една од клиниките.
Истрагата покажала дека со прекумерна доза на анестетици биле отруени најмалку седум пациенти, на возраст од 37 до 53 години, во периодот од 2008 до 2017 година.
Потоа било утврдено дека зад овие случаи стои докторот Пешије, против кого е покрената истрага за намерно загрозување на животите на пациентите.
Два од седумте случаи завршиле со смртни последици. На крајот истражителите дошле до заклучок дека докторот Пешије намерно ги труел пациентите, за потоа да се престави како спасител и како најдобар стручњак во својата професија.
Истражителите стравуваат дека би можело да има дури седумдесет случаи на труење од кои најмалку 20 завршиле со смртни последици.
Пешије се појавил пред истражниот судија и ги негирал обвинувањата. Со кауција од 100.000 евра тој бил пуштен да се брани од слобода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.