| четврток, 6 декември 2018 |

Владата не ја покрива телефонската сметка на Груевски

Службата за општи и заеднички работи, како институција која ги покрива трошоците за телефонските разговори на носителите на државни функции, нема никакви трошоци и не ја покрива телефонската сметка на Никола Груевски. Пратеникот Павле Богоевски треба да се извини на јавноста за изнесените невистини и квалификации, изјави за МИА директорот на СОЗР, Васе Доневски.

На денешното продолжение на конститутивната седница на Собранието  пратеникот од коалицијата на СДСМ Павле Богоевски покажа сметка од мобилен за која тој наведе дека е од службениот телефон на Никола Груевски, а според која за разговори од странство претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потрошил 184.000 денари.  Според Богоевски, сметката била стигната на адресата на Владата, чиишто служби требало да ја платат од државниот буџет.

– Од службениот премиерски телефон, што го плаќа Владата, во периодот од 1 март до 1 април 2017 година, направена е сметка над 184 илјади денари за роаминг – рече Богоевски и праша дали тоа значи дека државата ги плаќа координациите на Груевски од Малта.

Тврдењето на Богоевски го демантираше и ВМРО-ДПМНЕ од каде што оценија дека СДСМ во очај се претвора во фабрика за лажни вести обидувајќи се да го покрие срамот од прифаќањето на тиранската платформа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top