| четврток, 6 декември 2018 |

„Жорж Данден“ според вевчански рецепт

Секојдневието од реалниот живот и проблемите кои го исткајуваат, во новата премиера на Патувачкиот Театар ,„Поклони се и падни“ ,  „Жорж Данден“ од Молиер во режија на младиот Ѓорѓи Ризески, ја продолжи театарската традиција во Вевчани долга 77 години. Завчера во Домот на културата во Вевчани, во преполната сала,  се отслика спојот на реалниот живот и вевчанскиот дух. Актерите на сцена, иако аматери, ги добија највисоките оценки на вистински професионалци. Бројни овации, смеа и долги аплаузи.

100_2493

Љубителите на театарот беа почестени со вистинско естетско доживување во сценографија типична за животот од тој крај, преку изворедната актерска игра, говор и хумор зачинет со вевчански белег, спој на провокативен став кон животот и традицијата на поднебјето во кое живееме. Преку ликот на Жорж Данден, младиот режисер ја испрати пораката за животот, но и дилемата колку сме подготвени да ги прифатиме промените. Режисерот од ЕСРА ја открива дилемата, вреди ли да се трпи неправда?

– Пораката е токму тоа, да се чуваат сите луѓе од оние кои прават маски, кои пробуваат да ја цицаат крвта од нивните џебови. Животот секогаш продолжува што и да се случи и покрај тоа што семејството повеќе не може да се сочува – вели Ризески кој најави гостување на преставата и низ Македонија.

100_2494

Патувачкиот театар ,,Поклони се и падни,,  години наназад поставува и презентира драмски текстови на домашни и странски автори, но секогаш сработени по Вевчански рецепт со многу немирен и непокорен дух во нив. Вевчанскиот театар има стандарди кои мора да се почитуваат, велат актерите.

-Во Вевчани за се што работиш мора да почитуваш дефинирани стандарди, а кога е театарот во прашање човек мора да биде претпазлив затоа што во ова место уште во 1936 година се играле претстави на македонски јазик, па од тогаш генерации и генерации учествувале во креирање на Вевчанскиот театар кој секогаш е посебен, специфичен и непокорен, вели Душко Кукоски главниот лик во претставата.

100_2470

Инаку Вевчани е позната општина каде се негува најдолгата традиција на карневалот , исмејувањето, сатирата. Вевчанци велат дека сето тоа се должи на нивната уникатност.

-Вевчанскиот дух не мирува. Секоја година сите ние учествуваме во театарот наречен вевчански карневал но се трудиме да поставиме на сцена и одредени проекти во една посовремена форма. Театар во Вевчани отсекогаш  имало и ќе има со препознатлив вевчански говор, хумор, сатира, иронија, потсмев…и затоа сме различни од другите, вели Тошо Чочороски иницијаторот да опстои театарот.

Инаку „Печалбари“ била првата одиграна претстава во Вевчани во далечната 1936 година на македонски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top