Минатата година, вкупно 22 лица на возраст до 18 години го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои 9 биле деца на возраст до 4 години. Една од нив е малата Ема Радевска чии живот згасна по сообраќајна несреќа која се случи во мај, минатата година, на улиците во скопската населба Лисиче.
За Скопје инфо таткото на малата Ема успеа да прговори за трагедијата која го снајде неговото семејство.
„На радиостаница слушнав дека на Булеварот „Димитар Македонски“ е удрено дете на пешачки премин и се бара што поскоро да дојде Брза помош. Кога слушнав ми помина една мисла низ глава, не дај Боже да е моето дете“ – вака Златко Радески започна да го раскажува најболниот трагичен момент во својот живот, моментот кога во него нешто згасна, губејќи ја засекогаш својата малечка Ема. Златко Радески е татко на починатата Ема, која на враќање од училиште, на деветгодишна возраст, го изгуби својот живот од удар на автомобил во населбата Лисиче, на Булеварот „Димитар Македонски“.
„Ќерката и синот секојдневно ми се јавуваа кога ќе тргнат од училиште или од дома. Ема ќе ми се јавеше и ќе ми кажеше, тато јас си тргнав од училиште или пак тргнав од дома за на училиште. Тој кобен 8 мај беше околу 12.40 минути кога го земав телефонот да и свртам на Ема да прашам дали е излезена од училиште, но тогаш не ми крена. Јас работам во МВР, полициски службеник сум и во 12.45 на радио станица слушнав дека дете е удрено на пешачки премин на Булеварот „Македонска бригада“ и се бара Брза помош да дојде што е можно побрзо. Кога слушнав само си помислив не дај Боже да е моето, ме зајаде јанѕа како родител, но набрзо ми се тргна мислата. По некоја минута ми заѕвони мобилниот, гледам дека Ема ми ѕвони, кревам и прво велам, татичко каде си, што правиш? На кратко немаше одговор од другата страна, а потоа ми се јави возрасен женски глас и ми вели, вашата ќерка ја удри кола. Се обидов да останам смирен, јас веќе слушав на радио станица, само што во тој момент не верував дека може да станува збор за моето дете. Прашав дали е во контактабилна состојба, дали комуницира и каде ќе ја носи Брзата помош. Ми кажаа дека ќе ја носат во државна болница, а за тоа во каква состојбата се наоѓа, добив одговор, не знам“ – раскажуваше Златко кој не можеше да ги сопре солзите и растреперениот глас додека се сеќаваше на ужаниот момент. Toj веднаш се упатил во болница, докторите му објасниле дека девојчето е во свесна состојба, но животно загрозувачка.
По краток молк и обид да си ги среди мислите, Златко продолжи понатаму: „Не разбирав што значи животно-загрозувачка, барав објаснување. Подоцна ми кажаа и дека е во кома, но надежта остануваше во мене дека сѐ ќе биде добро. Мислам дека слушна, како што ја држев за рака кога излегуваа од рентген и додека одеа на ургентен, и реков, татичко сѐ ќе биде добро и ова ќе помине, ме слушна и во тој момент пушти солза. Сабота ништо не се случуваше немаше подобрување на состојбата, во недела исто така се до 17.20 часот кога докторите ми кажаа дека Ема почина. Не знаев каде се наоѓам, што ми се случува… Останав без дете, без најмилото и најмалото… Останав без поткрепа за живот, кога ќе дојдам дома да ми каже, тато си дојде, да ти се јави да ти каже што да и купиш кога ќе си доаѓаш дома, да ме праша каде ќе шетаме, сега немам ништо, а имав сѐ“ – низ солзи велеше Златко.
Ема била девојче кое во домот го правела детскиот џагор, девојче кое давало сила и радост во домот. Останало уште многу малку до крајот на учебната година, па Ема посакала повторно да одат на одмор во Улцин, каде што биле и претходната година, но за жал Ема не го дочека крајот на учебната година.
Златко во својата исповед вели дека проблемот не е во децата, туку во возрасните и нивното несовесно однесување во сообраќајот. Нејзиното одделение имало и обука за преминување на пешачки премин, токму на пешачкиот каде таа го загуби својот живот.
„Децата знаат како да се однесуваат во сообраќајот, нив ги учиме дома, а ги учат и на училиште. Проблемот е во возрасните, кои се однесуваат несовесно и не ги почитуваат сообраќајните прописи. Се сеќавам од училиштето имаше и активност во кој децата ќе им помагаат на постари лица да ја преминат улицата и Ема беше дел од таа активност и токму таа држеше постар човек за рака и му помагаше да ја премине улицата“ – се сеќава Златко.
Тој објаснува дека е потребна поголема општествена одговорност во сообраќајот, секој да се запраша дали нечиј живот е загрозен со неговото однесување, како и многу поголеми казни за прекршителите на сообраќајните правила.
„Имаме брз сообраќај, брзо се вози низ улиците. Сметам дека казните треба да бидат драстично поголеми и дека секој треба да ги сноси последиците за делото што го сторил, но во вистинска мера. Брзото возење е убиство. Несовесните возачи треба да се запрашаат што ќе се случи доколку во нивното брзање низ улиците, на тој пешачки премин, се појави токму нивното дете и токму самиот тој биде виновен за смртта на сопственото дете“ – вели Златко.
Во моментот на немилиот настан, Ема била со уште две другарки кои биле сведоци на стравичниот момент.
„Тие девојчиња веќе живеат со траума и таа слика ќе ги следи и понатаму во животот, а иако живеат во близина на тој пешачки премин, тие повеќе не поминуваат оттаму“.
На крајот од нашиот разговор тој упати искрен апел до сите учесници во сообраќајот: „Апелирам за совесно однесување во сообраќајот, зголемување на казните, намалување на брзината на возење, како на булеварите така и во населените места. Секое дете на улица да го гледаме како свое и само на тој начин ќе се избегнат трагедии, како оваа што му се случи на моето семејство“ – заврши Златко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.