Македонската филхармонија одржа симфониски концерт под наслов „Чајковски: смеа и тага“, на кој како солист настапи еден од најдобрите виолончелисти на светот, Иштван Вардаи од Унгарија.
Унгарецот Иштван Вардаи е најдобриот виолончелист на светот, ќе напише „Дејли њус“.
Наградуваниот унгарски уметник, кој свири на легендарниот инструмент „Страдивариус Ду Пре-Харел“ (1673), виолончело кое пред него било во сопственост на познатата Жаклин ду Пре, пред македонската публика настапи со Рококо-варијациите за виолончело и оркестар од П. И. Чајковски.
Рококо-варијациите за виолончело и оркестар оп. 33 се смета за едно од најомилените дела во литературата за виолончело. Чајковски бил инспириран од Моцарт, а за да го создаде ова дело му помогнал Вилхелм Фиценхаген, германски виолончелист и негов колега, професор на Московскиот конзерваториум. Чајковски токму за него ја напишал композицијата, а Фиценхаген прв ја извел во Москва во 1877 година, под диригентство на Николај Рубинштајн.
Под диригентската палка на маестро Кејс Скалионе, оркестарот на Македонската филхармонија по подолго време ја изведе Шестата симфонија насловена „Патетична“ од рускиот гениј Чајковски, која се смета за најубавите симфонии на сите времиња. Од богатиот опус на Чајковски – оркестарска, камерна музика, балети, опери, посебно место заземаат неговите симфонии, а меѓу нив најпозната е токму „Патетична“.
Авторот ја создал „Патетична“ непосредно пред неговата смрт, во миговите на депресија и сомнеж во својот креативен дух. Чајковски, незадоволен од резултатот, често ја кинел партитурата, но по многубројни исправки почнал да верува дека тоа е можеби еден од неговите најдобри трудови, сметајќи дека таа е „завршен камен на целото негово творештво“ и „најискреното дело кое некогаш го напишал“.
Иштван Вардаи е роден во 1985 година. Откако ќе дебитира во Хаг на 13 години, ќе ги освои сцените во Њујорк, Лондон, Париз, Прага, Виена, Минхен, Франкфурт, Москва, Токио…, соработувајќи со врвни оркестри и диригенти, како што се Адам Фишер, Хауард Грифит, Николас Паскет, Маркус Бош…
На само 12 години, Вардаи е примен во класата на прочуениот Ласло Мезо како посебно надарен музичар на Академијата „Франц Лист“ во Будимпешта. Во 2005 година заминува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена да студира со виолончелистот Рајнхард Лацко, а во меѓувреме посетува мастер-часови кај истакнатите Гидон Кремер, Наталија Гутман, Јури Башмет, Андрас Шиф, Наталија Шаковскаја. Во 2010 година е награден со двегодишна стипендија „Борис Пергаменчиков“ за мастер-часови на Академијата „Кронберг“ во Германија со проф. Франс Хелмерсон. Добитник е на многу награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и три награди „Давид Попер“ во Будимпешта (2000, 2003 и 2004), специјална награда „Емануел Феурман“ во Берлин, прва награда „Јоханес Брамс“ во Австрија. Во 2007 година станува лауреат на престижниот меѓународен натпревар „Чајковски“, а во 2008 година на 63. Интернационален натпревар во Женева. Во 2012 година, пак, ќе ја добие престижната „При Монтблан“ како еден од најнадежните млади музичари во светот, а во 2014 година престижната АРД на натпреварот по виолончело во Минхен. Како камерен музичар, исто така, соработува со видни имиња, меѓу нив и Шиф, Кремер, Башмет, Миша Мајски, Александар Ситковецки… Иштван Вардаи, заедно со виолинистот Кристоф Барати, е уметнички директор на водечкиот фестивал на камерна музика во Унгарија – „Капосфест“.
Вардаи свири на легендарното виолончело што го изработил Антонио Страдивариус во 1673 година, виолончелото на познатата Жаклин ду Пре, а на подарок го добил од Германец што сакал да остане анонимен, како и на виолончело „монтањана“ од 1720 година.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 239. број на неделникот „Република“, 31.3.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст