| четврток, 6 декември 2018 |

Конечниот збор мора да го каже Македониjа

Неколку месеци по за нас катастрофалниот самит на НАТО во Букурешт, кој се одржа пред седум-осум години и на кој, и покрај сите исполнети критериуми за влез во алијансата, Македонија не стана дел од најголемата воена организација во историјата на светот, во кулоарите во Обединетите нации под влијание на грчката дипломатска армада почнаа шпекулации за можно решение на македонското прашање. Идејата на дел од грчките дипломати со помош на дипломати од Европската унија и од НАТО, а во договор со Москва, која требаше да ја издејствува владата на Караманлис во координација со лидерот на ПАСОК, беше македонскиот проблем да биде решен во еден пакет во кој би влегле неколку отворени прашања во поширокиот балкански регион. Идејата, која се туркаше од грчки политички фактори, а не се спроведе, пред сѐ, поради финансискиот колапс на јужниот сосед и светската економска криза, предвидуваше со една дипломатска акција да се затворат неколку прашања кои сѐ уште претставуваат причина за нестабилност во овој дел на светот

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Логиката на планот зад кој никогаш официјално не застана ниту една држава или политички претставник и за кој сега сите тврдат дека никогаш и не постоел беше со посредство на скандинавски олеснувачи (меѓу кои најмногу се спомнуваше финскиот дипломат и добитник на Нобелова награда за мир, Марти Ахтисари) да се направи листа на меѓународни конфликти што би се решавале симултано. Практично, како што тогаш брифираа грчки дипломати, таа дипломатска иницијатива би била „нова Јалта“ со тоа што, за разлика од конференцијата одржана во 1945 година во градот Јалта на Крим на која Сталин, Черчил и Рузвелт се договараа за поделбата на глобалните сфери на интерес, овој договор би се однесувал на Јужна Европа и на Медитеранот како најгорливи точки на светската мапа на конфликти.

Покрај спорот меѓу Македонија и Грција за името, во овој пакет според тогашните брифинзи требаа да влезат и косовското прашање, унификацијата на Кипар, конечен договор меѓу Турција и Грција во спорот за грчките острови во близина на турскиот морски брег, расчистување на правата за користење на енергетските ресурси во Средоземно Море, обединување на Косово и на Албанија, се разбира статусот на Република Српска и опстанокот на Босна и Херцеговина како една држава.

За среќа на Македонија, оваа идеја никогаш не успеа, а ќе беше катастрофална затоа што таа предвидуваше секоја од земјите што имаа отворен спор или конфликт да има ментор во лицето на големите сили кои ќе ѝ гарантираа дека секој договор ќе биде испочитуван од сите. Најголемиот проблем за Македонија беше во тоа што самитот на НАТО во Букурешт покажа дека дури ни САД како ментор на Грција и на Македонија во исто време не беа доволно моќни да гарантираат целосно спроведување на билатералниот договор како Привремената спогодба иницирана и потпишана со посредство токму на Вашингтон како неприкосновен владетел на Балканот. Само за потсетување, според договорот од 1995 година со кој делумно се смирија страстите меѓу Скопје и Атина, а Македонија се согласи со срамното име Поранешна Република Македонија, Грција се обврза да не става вето во меѓународните организации доколку во нив Скопје аплицира со референцата од Обединетите нации. Грција ја прекрши обврската што ја презеде пред дипломатскиот булдожер Ричард Холбрук иако во 2008 година во Букурешт тогашниот претседател Џорџ Буш во две изјави најави дека Македонија заедно со Албанија станува членка на НАТО.

Практично, доколку се оствареше планот за „пакет-решение“, Македонија и да добиеше некаква позитивна солуција, никој не можеше да гарантира дека таа ќе биде почитувана од сите соседи. Притоа извесно е дека немаше да го добиеме тоа што ни припаѓа, ниту, пак, ќе можевме да се спротивставиме на големите сили кои, доколку ги оствареа своите интереси, речиси сигурно ќе дозволеа штета за малите нации како македонската.

Нејсе, грчкиот план никогаш не стана јавен поради низа причини, а, можеби, и никогаш не бил реален план, туку само начин на заплашување на Македонија, која знае дека е катастрофално секое сценарио во кое македонските граѓани нема да можат сами да решаваат за својот идентитет.

 

Се соочува ли Македонија со нов пакет?

За жал, развојот на настаните во регионот и пошироко на светската политичка мапа нѐ наведува да помислиме дека големите сили повторно размислуваат за нови пакети во кои „во интерес на светскиот мир“ ќе го втурнат и македонското прашање. Лицитацијата со војната на Балканот како вовед во нов пакет деновиве ја почна првиот човек на Европската унија, Жан-Клод Јункер, кој во својот познат манир на политичар со намалена деловна способност најави крвав расплет на очигледно незавршениот конфликт во регионот.

Иако за многумина поранешниот премиер на Луксембург е еден од најнесериозните политичари во историјата на ЕУ, тој не е случаен играч на светската политичка сцена и точно знае што зборува. А, Јункер не е единствениот што предупредува на војна на Балканот. Истото го стори и германската канцеларка Ангела Меркел, која во октомври 2015 година во екот на бегалската криза изјави дека меѓу земјите на Балканот низ кои минуваат маршрутите на бегалците може да се случат вооружени судири ако Германија ја затвори границата со Австрија. За балканската линија на огнот претходно говореа и американскиот државен секретар Џон Кери, а бројни се и поранешните претставници на британските и на американските безбедносни служби што постојано говорат за воена разврска и за нови граници во регионот. Притоа не треба да се занемари и реториката што доаѓа од Москва, според која Балканот не само што останува приоритет за руската надворешна и безбедносна политика, туку и дека Москва поинтензивно ќе ги брани своите интереси во регионот.

 

Што знаат Јункер и Меркел, а што не знаат Балканците?

И Меркел и Јункер се актуелни европски политичари, имаат пристап до информациите за потенцијалот на структурите што се способни за конфликт на Балканот. Речиси е невозможно двајцата водечки лидери во ЕУ во рок од 18 месеци да користат сличен вокабулар и притоа да лажат или да ја манипулираат европската и светската јавност за да остварат некои други свои интереси. Меркел пред една и пол година изјави: „На Западен Балкан веќе има тензии и јас не сакам таму да се случат воени судири“, а претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во интервју за „Фајненшл тајмс“ пред неколку дена предупреди дека ставовите на претседателот на САД против ЕУ можат да предизвикаат војна на Балканот. Иако, навидум, причините за војна на Балканот се различни затоа што Меркел зборува за бегалците, а Јункер за Брегзит како за причини за воена криза во регионот, јасно е дека и канцеларката и Луксембуржанецот зборуваат за истиот проблем. Јасно е дека и Берлин и Брисел имаат јасна претстава од каде доаѓа најголемата опасност за балканскиот мир, но целосно е нејасно зошто и двајцата како луѓе со тридецениско искуство во водењето на Европа досега не презеле ништо за да се превенира конфликтот, кој според двајцата е иманентен.

kol239-gm-eu-junker-merkel-2

ЕУ призна дека без САД е немоќна да го зачува мирот во Европа

За разлика од Јункер кој самиот ги предизвика балканските радикали да се хомогенизираат со својата изјава според која до 2020 година ниту една земја нема да стане членка на ЕУ, Меркел барем се обиде преку „Берлинскиот процес“ да наметне некаква позитивна енергија во регионот. Идејата на Меркел е директно торпедирана од Јункер, од човекот кој со најавата за војна на Балканот призна дека „Берлинскиот процес“ на Меркел е фарса и во исто време го потврди тоа што сите го знаеме, односно дека САД, а не ЕУ, се факторот за стабилност на најневралгичната точка на стариот континент.

Зборовите на Јункер со кои го моли претседателот Трамп да не поддржува други членки на ЕУ да ја следат Велика Британија се повеќе од трагични кога веќе не можат да се оценат само за смешни. Шефот на европската држава во зародиш на крајно патетичен начин преку британски весник го моли Трамп да не ја растура Европската унија затоа што на САД, внимавајте на САД, а не на Европа, ќе ми се случи војна на Балканот. И притоа Јункер му вели на Трамп дека не ја знае историјата на Европа. Истиот човек што како премиер на Луксембург и силен фактор во европската политика молчеше и чекаше САД да ги решаваат катастрофата во Босна и Херцеговина, масакрот во Сребреница, косовската криза, македонскиот конфликт, сега му кажува на претседателот на САД дека не ја знае европската историја.

 

Јункер повика на вооружување на Балканот

Жан-Клод Јункер нема проблем само со поновата европска историја, тој очигледно има проблем и со психологијата, и со сопствената и со онаа на балканските народи и држави. Замислете само каква е пораката што ја примаат Македонците, Албанците, Србите, Црногорците, Косовците и Босанците, кои до вчера веруваа дека ЕУ е вистинскиот домаќин на европско тло и дека Брисел има моќ да донесе мир не само во ЕУ, туку на целиот европски континент. Кој сега, по отворените најави дека во регионот ќе има војна, ќе може да се фокусира на реформите и на критериумите од Копенхаген?

Зборовите на Јункер се отворена покана до балканските држави наместо да носат закони со европско знаменце, да купуваат оружје, што веќе се случува. Косово јавно ја почна процедурата за формирање армија, а Србија веќе потпиша договор за набавка на руско оружје.

 

Јункер не може да не го знае значењето на своите зборови

Дали, можеби, европските лидери сметаат дека со заплашување на регионот со војна ќе ги намалат националистичките очекувања за Голема Албанија, единствена Србија сосе Република Српска или надежите на Македонците дека ќе можат да живеат во своја држава во која самите ќе решаваат за сопствениот идентитет и иднина. Се разбира, оставаме простор и Јункер и Меркел да ги дале своите изјави во моменти на вознемиреност, што не е оправдување за кој било, а особено не за врвни европски лидери. Дури и да се согласиме дека се работи за политички маркетинг кој како крајна цел има освестување на дел од европските и од балканските лидери, како, на пример, Хашим Тачи или Еди Рама, да запрат со жестокиот национализам што го туркаат преку границите на своите земји. Сепак, не може целосно да се исклучи дека најавите за војна и за вештачкото зовривање на состојбите на Балканот од страна на европски лидери е само подготовка за нов Берлински конгрес или Букурешки договор со кој повторно во пакет би се решавале проблемите меѓу балканските народи и држави.

За другите во регионот не можеме да знаеме, но за Македонците со сигурност може да се каже дека ќе најдат начин да не бидат инволвирани во војна со своите соседи, а во исто време да не дозволат други преку регионални или какви било геостратешки пакети да им ја кројат иднината. Албанската платформа, без разлика дали е создадена во Мала Речица, Тирана, Берлин, Брисел или во Париз, е добар пример дека Македонија и македонските граѓани имаат капацитет на цивилизиран и достоинствен начин да се справат со сите предизвици. Тоа што некои поединци-лудаци во обидот да се изборат против платформата повикуваат на „смрт за Шиптари“ и тоа што македонските политички фактори од независноста досега направиле повеќе стратегиски грешки не може да биде аргумент за Македонија да биде ставена во подредена улога кога ќе се решава нејзината иднина.

Македонското прашање, без разлика дали се работи за спорот за името со Грција, негирањето на националниот идентитет од страна на Бугарија, негирањето на МПЦ-ОА од страна на Србија, претензиите на Албанија и на Косово на т.н. албански територии во Македонија, е засебна тема за која единствено можат да решаваат Македонците заедно со сите други македонски граѓани. Ова прашање не може да биде поврзано ниту со правата на Чамите во Грција, ниту со турското малцинство во Бугарија, ниту со албанското малцинство во Јужна Србија, ниту со грчкото малцинство во Јужна Албанија или со српското население на Косово. Затоа тие што повторно најавуваат пакети добро нека ги научат европската историја и меѓународните закони врз основа на кои почива меѓународниот поредок. За почеток нека ја прочитаат пресудата на Меѓународниот суд во Хаг по тужбата од Македонија за Грција. Истата пресуда на светскиот суд што не сакаат да ја применат тие што сега најавуваат војна на Балканот ако САД одлучат да ја уриваат ЕУ.

(Текст објавен во 239. број на неделникот Република, 31.03.2017)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top