| четврток, 6 декември 2018 |

Јубилејно 60. издание на книжевното списание АКТ

Списанието за книжевност и култура АКТ деновиве го имаше своето јубилејно, 60-то издание. Главниот и одговрен уредник Братислав Ташковски во уводникот наведува дека овој број не треба да се доживува како јубилеј бидејќи секој број на АКТ, во суштина, го смета за прослава.

– Да, со секое издание на нашето списание, подвижниот празник продолжува да се движи како доказ дека во овие сегашни „чудни“ времиња и во оние претходните, кои исто така изобилуваа со „чудесија“, сепак успеваме да оставиме цврста трага дека постои едно списание кое се обидува да остане „недопрено“ од силните вонкнижевни влијанија. Така било секогаш, така, се надевам, ќе остане и натаму. Затоа ова шеесетто издание на АКТ го разбираме како уште една работна истрајност посветена на македонската книжевност. Во тоа е нашиот успех, посочува Ташковски.

Јубилејното издание нуди богати содржини, со избор на поезија и проза од современи македонски автори и автори од регионот, избор препеви од современата словенечка поезија, рецензии, анализи и есеистички произнесувања.

Со беседа насловена „Небеска – поезија и проза“ од поетесата, книжевен критичар и есеист Кристина Николовска се одбележуваат и 10 години од смртта  на Петре М. Андреевски. Првиот број на АКТ излезе на 19 декември 2003 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top