Како дел од проектот „Унапредување на услугите за социјална вклученост“ започна првата од обуките за лични асистенти за лицата со телесна попреченост. Целта на обуките е да се претстави концептот на личен асистент на лицата со попреченост, да се прикажат моделите и начините на функционирање на овој концепт, да се промовираат бенефитите како за лицата со попреченост, така и за општеството како целина.
Со оваа обука започнува серијата од 10 обуки, кои ќе се одржат во осумте плански региони во Македонија, во 10 градови, во соработка со 10 здруженија на граѓани, кои ќе имаат и улога на сервисни служби. На обуките ќе учествуваат различни актери вклучени во процесот на обезбедување на лична асистенција, како лица со телесна попреченост, лични асистенти, претставници од Агенцијата за вработување, како и претставници на локалната самоуправа, центрите за социјална работа и граѓанските организации кои работат со оваа група на граѓани.
Здружението на лица со телесен инвалидитет – Мобилност од Струмица беше домаќин на првата обука. На обуката учествуваа 22 лица, кои ги претставија своите потреби и очекувањата од личната асистенција, како еден од начините за обезбедување на поголема социјална инклузија, како и подобрување на секојдневното живеење и на квалитетот на животот воопшто.
Преку понудените обуки претставниците од претходно наведените целни групи ќе имаат можност да стекнат знаења и вештини за личната асистенција, како значајна услуга за лицата со попреченост, и за можностите за нејзино имплементирање и пилотирање. Обуката нуди можност за добивање целосна и јасна слика за личната асистенција и за вклученоста, одговорностите и задачите на сите засегнати актери. Дополнително, обуката делува во насока и на зајакнување на капацитетите на лицата со попреченост, во контекстот на социјалниот модел на третирање на попреченоста и во духот на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
По завршувањето на обуките започнува и пилотирањето на концептот на личен асистент, кое е планирано да трае во период од два месеца и кое треба да даде поцелосна слика не само за бенефитите од личната асистенција за лицата со попреченост и за општеството, туку и да препорача модели кои функционираат во локален контекст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.