| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов домаќин на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск

ivanov-tusk

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во понеделник ќе биде домаќин на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој ќе престојува во посета на државата, потврдуваат за МИА од Кабинетот на претседателот.

Посетата на Туск на Македонија е во рамки на негова регионална турнеја, посветена на состојбите со мигрантската и бегалската криза и примената на сеопфатното европско решение.

Освен за актуелните состојби со мигрантската и со бегалската криза, улогата на Македонија и состојбите во регионот, велат од кабинетот на шефот на државата, Иванов ќе го запознае Туск и со политичката ситуација во земјата, а ќе се разговара и за европската перспектива на регионот.

Посетата на Македонија на првиот човек на ЕУ се реализира во пресрет на се почестите предупредувања од нов бран бегалци, како и во контекст на се посилните тензии меѓу ЕУ и Турција за прекин на договорот за мигрантите. Најавите  од страна на турскиот претседател Ердоган за прекин на приемот на мигранти, претставува голема закана за Европа, пред се, за балканските држави, што е причина за алармирање на Европската унија.

Ова е трета посета за две години на Туск на Република Македонија. На последната средба во март 2016 година, Туск и претседателот Иванов дискутираа за постигнување заедничко европско решение за бегалската и мигрантската криза. На тогашната средба, Иванов предупреди за илегалната миграција и насилното влегување во Македонија и беше дециден дека Република Македонија нема да дозволи зголемување на безбедносните ризици од мигрантската криза. Македонскиот претседател тогаш порача дека Македонија ќе ги преземе сите активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top