| четврток, 6 декември 2018 |

Албанскиот опозиционер Баша: Премиер поврзан со Сорос ја води Албанија

Демократијата во Албанија е во голема опасност, бидејќи левичарскиот премиер Еди Рама дозволи корупцијата и криминалот да цветаат во земјата, изјави лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, за порталот „Брејтбарт“, кого до изборите во САД го водеше Сив Банон, сега еден од најблиските соработници на американскиот претседател Доналд Трамп.

– Проблемот со тајната соработка на политиката и криминалот не е нова на Балканот. Но, проблемот со Албанија се отворената промоција и присуството на луѓе со ужасни криминални досиеја, осудени во земји од ЕУ за прекршоци како шверц на дрога, проституција, трговија со луѓе и други прекршоци за организиран криминал – вели Баша.

Тој тврди дека криминалните банди и групи поврзани со терористи оперираат со фарми за канабис и организации за складирање, со имунитет од владата на Рама. Баша за „Брејтбарт“ вели и дека дополнителна компликација е што Рама е во добри односи со Џорџ Сорос. Баша вели дека верува оти Рама е главната инвестиција на Сорос во Албанија и на Балканот. Тој тврди дека неговите напади на Сорос лично и неговата поддршка за Трамп го направиле мета на клеветите на организацијата на Сорос.

– Пакосно бев нападнат од него и неговите луѓе и од меѓународните медиуми затоа што сум поддржувач на Трамп – вели Баша.

Рама беше член на Одборот на Фондацијата на Сорос во Албанија и на двегодишен проект финансиран од Сорос создаден за политичко трансформирање на земјата, пишува порталот. Републиканскиот сенатор од Јута, Мајк Ли, беше толку многу загрижен за програмите на Стејт департментот што го финансираат влијанието на Сорос во Албанија и во другите земји, што на 14 март испрати писмо до државниот секретар Рекс Тилерсон, а на кое се потпишаа и други сенатори.

Албанскиот премиер исто така можеби е најнепоколеблив лидер од Европа што е против Трамп. Баша вели дека по барање на Сорос, Рама бил во Си-ен-ен за да каже дека изгледите Трамп да стане претседател се застрашувачки.

Баша, на крајот, вели дека Американците инвестирале многу за да ја поддржат слободната, демократска и отворена Албанија во последните 27 години и моли за помош од САД за да им помогнат да се зачува таа инвестиција за да може Албанците да ги исполнат обврските како членка на НАТО.

Тој додаде дека ако неговата партија победи на парламентарните избори закажани за 18 јуни, тој ќе биде новиот премиер. Во претходните администрации, Баша беше на други функции, меѓу кои и министер за надворешни работи.

Во неодамнешната посета на Вашингтон, Баша се сретна со неколку лица, а членовите и поддржувачите на неговата партија во Албанија одржуваа протести против владата на Рама, повикувајќи на негова оставка.

„Брејтбарт“ ги посочува имињата на американските политичари со кои се сретнал Баша, а името што паѓа в очи е тоа на републиканскиот конгресмен Дана Рорабакер, кој на македонската јавност и е познат по скандалозната изјава од пред неколку недели дека создавањето на македонската држава е пропаднат проект и оти треба да им се подели на соседните земји.

– Има причина за загриженост за она што се случува на Балканот. Стабилноста во тој дел од Европа зависи од стабилна и функционална Албанија. Има сериозна загриженост за корупцијата, трговијата со дрога и за тероризмот во оваа важна нација – вели Рорабахер.

Kонгресменот додаде дека Албанија е во првите борбени редови во борбата против радикалниот ислам.

-Ако го победиме радикалниот ислам и имаме стабилна Европа, ни треба некој што може да ја заврши работата. Љуљзим Баша, кого го познавам некое време, е личноста за таа работа – вели Рорабакер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top