| четврток, 6 декември 2018 |

Месеци нè делат од изборот на нов претседател на Собранието

sobranie-1-1

До бесконечност може да помине пред Собранието воопшто да ја исцрпи листата на пратеници кои се пријавни за збор по точката на дневниот ред која треба да резултира со избор на Комисијата за избори и именувања, пишува „Дневник“.
Само еден пратеник го искористи правото на збор а на ред се уште педесетина. Најголем дел од нив се од ВМРО-ДПМНЕ. На говорот на секој пратеник останатите пратеници имаат право на реплика, што значи дека тоа може да трае неограничено.

Собранискиот Деловник не дозволува реплики помеѓу пратеници од иста пратеничка група, но освен онаа на БЕСА, останатите пратенички групи во Собранието не се формирани, па оттука, репликите меѓу колегите од иста политичка партија се дозволени.

На излагањето на еден пратеник, сите пратеници имаат право на реплика, а потоа и на контрареплика. Иако тие се временски ограничени, сепак, оставаат простор цел ден да се дебатира.

Кога ќе се исцрпи листата на говорници, ќе се премине кон формирање на Комисијата. По ова, Собранието, но и членовите на комисијата ќе предложат кандидати за Претседател на Собранието. По ова, повторно се отвора дебата што значи повторно простор за нови говорници, реплики и контра реплики.

Најголемите оптимисти очекуваат околу еден месец да трае целата постапка, иако не би требало да биде изненадување тоа да трае повеќе месеци, заклучува весникот.

Работата на Собранието досега двапати била блокирана, во 2012 од страна на пратениците на СДСМ, кои поднесоа стотина амандмани во Комисијата за финансирање и буџет, кога се расправаше за Буџетот за 2013 година и во 2013 од страна на сегашниот кандидат за претседател на Собранието, Талат Џафери, кој молчеше и читаше поезија во Комисијата за труд и социјала кога се расправаше за Законот за бранителите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top