Американската конзервативна фондација Херитиџ, во анализа објавена во понеделникот, оценува дека постојат веродостојни докази дека администрацијата на претходниот претседател Барак Обама ја злоупотребила агенцијата за меѓународен развој УСАИД за да промовира левичарски политики кои немаат поддршка на мнозинството американски граѓани, и тоа преку поврзување со организацијата на левичарскиот милијардер Џорџ Сорос.
Анализата на Херитиџ, која е водечката конзервативна фондација во САД, делумно е базирана на примерот на проектите на УСАИД во Македонија, со напомена дека постојано се доставуваат докази за слични злоупотреби на програмите на УСАИД за ширење политички и идеолошки мотивирани програми и во други држави.
-Американските граѓани поддржуваат програми со кои се намалува сиромаштијата и се промовира демократијата, но администрацијата на Обама ја претвори УСАИД во агенција за промовирање контроверзна политичка агенда која не ужива целосна поддршка ниту во САД. Во оваа агенда спаѓаат трансродовите права, промовирањето истополови бракови, обуката на граѓани за уличен ‘активизам’ и ‘граѓанско ангажирање и мобилизација’. Овие политики предизвикуваат длабоки поделби во САД. Програмите кои УСАИД ги спроведуваше во времето на мандатот на претседателот Обама не само што је немаат поддршката на голем дел од американските граѓани, туку не е јасно ниту со што ги промовираат американските национални интереси- пишува во анализата на Херитиџ.
Се посочува дека УСАИД на ваков начин се однесувал во традиционални, конзервативни држави како што се Македонија и Ирска, но и во земји низ Африка и Јужна Америка.
-Се разбира, ваквото американско мешање во внатрешната политика и во традиционалните вредности на овие земји честопати предизвикуваше контра-реакција, при што рекламни кампањи во Африка мораа да бидат повлечени. Во Македонија, про-американска, конзервативна партија обвинува дека УСАИД и Амбасадата на САД придонесоа кон создавање на длабоката политичка криза во која се наоѓа земјата- пишува Херитиџ.
Оваа фондација, која е исклучително блиска до владејачката Републиканска Партија, досега повеќе пати ја обвинуваше американската амбасада во Македонија за злоупотреба на фондовите на УСАИД и побара од новата администрација на Доналд Трамп да го отповика амбасадорот Џес Бејли.
Во анализата е посочено дека добар дел од левичарските проекти на УСАИД биле имплементирани преку Фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос, која во Мексико се ангажирала да го легализира абортусот, во Колумбија туркала за отстапки кон марксистичките герилци од групата ФАРК, додека во Македонија, во оваа спрега меѓу Сорос и УСАИД, биле финансирани проекти за левичарско мобилизирање за протести. УСАИД наведува дека конзервативни американски конгресмени бараат од новиот државен секретар Рекс Тилерсон да спроведе истрага за ова финансирање и тоа дека истрагата во голема мерка е заснована врз докази обезбедени на случајот на Македонија.
Херитиџ предупредува дека администрацијата на Трамп мора да реагира бргу и да ја прекине политиката од времето на Обама, кога ги помагаше и соработуваше единствено со левичарските партии и организации. -Русија е целосно ангажирана да добие влијание во регионот на Балканот. Ако на политичките партии од овој регион не им се понуди прозападна конзервативна алтернатива, тие може да се свртат кон Владимир Путин – пишува Херитиџ, промовирајќи ја идејата новата администрација на Трамп активно да работи со конзервативните партии низ светот, додека во исто време се вршат истраги за злоупотребите на фондовите за помош во времето на претседателот Обама.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.