Во Музејот на град Скопје, в среда, (29 март), во рамки на манифестацијата „Денови на македонска музика“ ќе се оджри концертот на ансамблот за современа музика „КонТемпора“.
Концертот со дела на млади композитори што традиционално е дел од програмата на „Деновите на македонска музика“, а кои досега ги интерпретираа нивните колеги-студенти, оваа вечер ќе ги чуеме во изведба на реномираниот ансамбл за современа музика „КонТемпора“.
На концертот премиерно ќе прозвучат делата од авторите Маријана Јаневска, Маја Јовановска, Филип Иванов, Ангел Спироски, Никола Коларовски и Никола Крстевски, наградени на Конкурсот за нови дела на Министерството за култура на Република Македонија.
– Композицијата Соната за виолина и пијано (2015) се заснова на принципите на апсолутната музика сфатена како „игра на форми кои се движат“, во рамките на традиционалната музичка форма и класичниот слог. За мене, како млад автор кој штотуку започнал да чекори во водите на композицијата можноста делото да биде изведено од страна на ансамблот „КонТемпора“ е од големо значење, бидејќи со нивното знаење и професионалност ќе придонесат за автентична и сериозна интерпретација на делото – вели студентот Филип Иванов.
– Осцилации (2013) се две минијатури за соло виолина. Идејата на првата е да се постигне чувство на посегање по нешто недостижно. Изградена е од два мотиви, од кои, вториот, иако никнува од првиот, постојано го суспендира во својот развој. Втората минијатура е изградена од два контрастни мотиви, од кои првиот е агресивен, а вториот лирски. Тие на почетокот се во конфликт, а во понатамошниот развој на композицијата доживуваат трансформација и се соединуваат – вели композиторката Маријана Јаневска. За неа соработката со ансамблот „КонТемпора“ претставува огромна чест, бидејќи како што вели, можноста да соработува со веќе афирмирани изведувачи со огромно искуство, не само во класичната, туку и во современата музика е од исклучително значење за нејзиниот понатамошен развој како композитор:
– Советите, сугестиите и вниманието, кое го добивам на пробите е многу важно за мене, особено бидејќи сум студент, кој сеуште трага по својот личен израз – додава Јаневска.
Формирањето на Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ се наметна како повеќе од добредојден чекор за раздвижување на македонската културна сцена, за отворање на видиците кон нови, поинакви културни вредности. Од своето формирање пред неполни три години до денес, ансамблот „КонТемпора“ ја одржува неопходната интеракција помеѓу македонската музичка култура и светот, претставувајќи ги новосоздадените дела на македонските автори, но и на композитори од останатите делови на светот. Ансамблот брои дваесет инструменталисти со значително искуство во изведбата на современа музика, и во зависност од репертоарот делува во различни инструментални формации. Премиерниот концерт на „КонТемпора“ беше одржан во септември 2014 година во рамки на Генералното собрание на Европската асоцијација на композитори и сонграјтери (ECSA) во Скопје. Во изминатите три години, составот оствари турнеи во Холандија, Белгија, Австрија, Словенија, Албанија, Бугарија и имаше бројни концерти и настапи на речиси сите значајни фестивали низ Македонија („Денови на македонска музика“, „Скопско лето“, „Златна лира“ и „Есенски музички свечености“), свирејќи со интензитет, желба и посветеност на современото творештво и индивидуални творечки естетики. Ансамблот „КонТемпора“ во досегашното постоење има реализирано и повеќе студиски снимки на новосоздадени дела од композитори од САД, Иран, Италија, Индонезија како и на македонски автори, а на својот репертоар претставил речиси 60 премиерни дела на автори од Македонија, САД, Италија, Индонезија, Велика Британија, но и композиции од музичката литература на 20. век. Ансамблот „КонТемпора“ има реализирано и два компакт диска со дела од македонски автори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст