Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска по завршувањето на мандатот на Наќе Чулев на функцијата директор на Агенцијата за разузнавање, донесе одлука со која го именуваше д-р Зоран Иванов за нов директор на Агенцијата за разузнавање, информираат од Кабинетот на претседателот Иванов.
Д-р Зоран Иванов досега ја извршуваше функцијата началник на военото разузнавање во рамки на службата за воена безбедност и разузнавање. Тој е професионален кадар на Министерството за одбрана и активен воен персонал со борбено искуство во извршување на операции во земјата и меѓународните одбранбени мисии во странство. По завршување на воената академија во Скопје е поставен на должност во баталјонот за специјални операции и е учесник во конфликтот во 2001 година. Одликуван е со медал бронзена ѕвезда за храброст од департментот за одбрана на САД за извршување на должност командир на воениот контингент и вршење на специјални операции и поддршка во Ирак во 2006 година. Има завршено и магистрирано на Колеџот за команда и генералштаб во Форт Левернворт, САД, а докторирано на Институтот за националната историја на Република Македонија. Од 2009 година е началник на военото разузнавање. Покрај борбеното искуство, специјалист е за специјални операции и психолошко војување.
Досегашниот директор, Наќе Чулев продолжува да биде дел од професионалниот состав на Агенцијата за разузнавање и во соработка со новоименуваниот директор ќе ги продолжат отпочнатите процеси за трансформација на Агенцијата за разузнавање, чија мисија е собирање на податоци за информирање во одбрана на државата, заштита на националната безбедност и остварување на интересите во странство на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.