| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книгата на Бојана Цветкова и настап на Кубанката Јасмин Лопез

Утре, на 28 март, со почеток во 20 часот, во Јавна соба ќе биде промовирана „Книга подарок за посебна дама како тебе“ од Бојана Цветкова во издание на „Антолог“. На промоцијата книгата ќе се продава по промотивна цена од 200 ден. Покрај во преубавите зборови посветени на жената, како посебен подарок од издавачот и од авторката, сите посетители на промоцијата ќе може да уживаат и во одличниот настап и во прекрасниот глас на Кубанката Јасмин Лопез.

„Книга подарок за посебна дама како тебе“ е специјално издание на „Антолог“, замислено како еден од најубавите подароци за секоја жена – мајка, сестра, ќерка, љубена, сопруга. Секоја жена заслужува да ја добие оваа мала книга на подарок. Мала, а толку голема. Исто како и женското срце. Мала по обем, но голема со зборови што значат љубов, големина, сила, посебност, убавина, кои ги поседува секоја жена.

Книгата содржи прекрасни мисли за жената, еден мотивирачки љубовен сплет, преубави илустрации, како и можност самите да ја надополните со својата приказна наменета за онаа личност на која сакате да ѝ ја подарите.

Авторката на книгата, Бојана Цветкова, има 27 години и по професија е маркетинг менаџер. Инспирација за книгата ѝ била љубовта кон нејзината мајка, која решила да ѝ ја покаже така што ќе ѝ подари книга посветена специјално за неа, но истовремено да ја овековечи и вечната љубов кон жената како инспирација и двигател на животот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top