| четврток, 6 декември 2018 |

Сите ние мора да си ги поставиме прашањата: Каде се читателите на поезиJа? Како да направиме нови читатели?

Не е лесно во околности кога интернетот драстично го промени живеењето, кога навиките за читање, гледање, следење се менуваат, кога исчезнуваат печатените медиуми, појавуваат електронски книги, да се организираат книжевни настани. Наспроти тоа, ние напорно работиме да ги вратиме возбудата и задоволството од средбата со авторот и со неговото дело, вели Стефоски

Зимскиот поетски фестивал на Струшките вечери на поезијата се одржа од 25 февруари до 1 март во Скопје. Одржувањето на Зимскиот фестивал на СВП е новина во програмата, се одржува по втор пат, па кажете ни какви се Вашите впечатоци од реализираното?

Стефоски: Ќе ги избегнам вообичаените фрази што се употребуваат во вакви пригоди. Востановувањето на овој нов фестивал не е едноставна работа. Покрај добар концепт, добро програмирање, провокативни, интересни учесници, одлични модератори, макотрпна работа на сите во реализацијата, од вработените до сите ангажирани лица, сепак, потребно е и помош и соработка со партнери што ги споделуваат ентузијазмот и увереноста дека целите и придобивките се заеднички, и кои искрено и посветено придонесуваат во успешноста. Ние сме искусни во организацијата на вакви настани и тука во ниту еден дел не оставаме на импровизација, ниту, пак, ни е дозволено некаде да се спушти нивото на квалитет. Секогаш инсистираме секој сегмент да биде добро планиран и подготвен. Верувам дека никој нема забелешки за овие нешта.

Се разбира, ние сме самокритични и знаеме што треба да се подобри, што да се смени, што да се додаде.Одредени сегменти од фестивалот ќе ги најдете како самостојни во некоја друга форма. На пример, предавањата (master classes) на поетите. Многу престижни светски универзитети како дел од нивните курикулуми за изучувањето на современата книжевност имаат гостувања. Кај нас тоа недостига. Или барем е недоволно или, пак, инцидентно. Овој сегмент на фестивалот ќе биде заеднички организиран со сите универзитети и факултети со кои ќе соработуваме. Интересот на студентите што беа на ваквите предавања можат да посведочат дека сме на добар пат.Тоа се нашите идни соработници во својство на преведувачи, модератори, организатори, нашата идна редовна публика.

 

Акцентот на Фестивалот беше ставен на поетите Ласе Содерберг од Шведска, Хабиб Тенгур од Алжир, Хасан Зактан од Палестина и македонскиот поет Иван Џепароски. Нивните предавања и поетските портрети предизвикаа големо интересирање. Колку гостите беа задоволни од приемот? Ќе допатуваат ли, можеби, годинава во Струга?

Стефоски: Имавме исклучителни поетски имиња како учесници на Зимскиот поетски фестивал. Поети, чиешто творештво по вредностите, по актуелноста, по нивното место и улога во современиот миг во светската поезија. Впрочем, квалитетот во овој дел, кога се работи за СВП, е неспорен. Кога веќе ме прашувате за тоа какви се нивните впечатоци, за тоа сведочат и самите во интервјуата дадени за нашите медиуми. Некои од нив веќе биле претходно, па нивната оцена за овој фестивал е дека ги има сите елементи преку кои најсеопфатно може да биде претставено творештвото на еден поет. На сите им се допадна концептот на фестивалот. Уживаа и во фестивалот, но и во посетите по музеите, на локалитетот Стоби итн.

 

Зимскиот поетски фестивал, всушност, претставува програмско проширување на СВП и кога беше промовиран како таков имаше негодувања и недоверба. Сметате ли дека со овој Фестивал, СВП како институција успева преку поинакви програмски активности да ги презентира најзначајните современи поети од светот, но и актуелните достигнувања во македонската поезија?

Стефоски: Зимскиот поетски фестивал на СВП е дел од една сериозно обмислена стратегија за развој на институцијата, но пред сѐ во насока на развој на нова публика, на интензивни активности преку целата година низ цела Македонија, но и во странство. Овој проект не е некаков привремен експеримент или обид. Доколку некаде навистина имало негодувања или сомнежи, верувам дека е поради недоволното познавање на историјата на СВП. Единствените коментари што ги чувме беа во врска со тоа дека се одржувале во Скопје. Во минатото СВП се одржувале и во 16 града. И сега во рамките на „Поезија на пат“ се одржуваат во пет-шест града.

Се разбира, имаме и одредени пречки, неразбирање на тоа што го правиме. Дури и од инстанции што би требало да работат и посериозно и попосветено на тоа што е цел на овој фестивал: развојот на нова публика. Прво треба сериозно да погледнеме во стварноста во која живееме, а потоа да извлечеме сознанија за тоа каква е и што треба да се направи за да се подобри. Еве, на пример, отидете во која било библиотека во Македонија и прашајте какви книги се читаат, кои автори и колку од нив се современи македонски поети. Прашајте кои книги колку пати се позајмени во изминатите 10 години. Дали позајмените книги се тие на кои ќе инсистираат книжевните историчари дека имаат неоспорни вредности со кои влегуваат во историјата на македонската книжевност? Кога го зборувам ова, го кажувам со горчина, непријатно ми е, но е точно така како што е навистина. Не смееме да се залажуваме. Зашто така нема ни да се обидеме да најдеме начин како да ги промениме нештата. На промоциите, дури и на Саемот на книгата присутната публика ја сочинуваат роднините и пријателите на авторите. Имаме една тегобна состојба во македонската книжевност, каде што се нарушени меѓучовечките односи меѓу авторите, па до сите тие поединци, групи и групички до непомирливост. Поделеноста, за жал, е поради политичка, идеолошка или некаква лична природа и, во најголемиот број случаи, поради вонлитерарни причини. Ние како актуелно раководство на СВП цело време се обидуваме да бидеме над сите овие несреќни состојби.

mite-stefoski-kult238-2

Сите ние мора да си ги поставиме прашањата: каде се читателите на поезија? Како да направиме нови читатели? Како да ја направиме книжевноста, поезијата во случајов, повидлива и поприсутна. Овој тренд е светски, не е само кај нас. Но, тоа не треба да биде оправдување за рамнодушност и за неактивност. Напротив, ние како институција сме повикани да најдеме начини како поетското творештво да биде актуелно, дури и не само да имаме повеќе читатели, туку да имаме информирани, квалитетни читатели. Да понудиме нов пристап, нови концепти. И треба да престанеме да бидеме само сеирџии, кои никогаш ниту направиле, ниту се обиделе да направат нешто. Не сум чул некој да напишал или да искажал јавно таков став за недоверба, или, пак, негодувања, како што велите. Повеќе би ме радувало да има. Мора да се ослободиме од тој безумен опортунизам и да се научиме дека треба да бидат поддржани сите иницијативи да се подобрат нештата. Тоа не значи дека не треба да има критика, или да се има поинаков став, но треба и аргументација за тоа, но и поинакви предлози. За жал, нема вистинска, суштинска дебата.

А прашањата што би требало да се постават се многубројни. На пример, зошто студентите немаат навика да одат на книжевни настани? Особено е незамисливо да не одат на настани каде што нивните професори се модератори. Каде е проблемот? Во која фаза од образованието? Можеби е проблемот во лектирата со која ги образуваме? Можеби и во начинот на тоа како се предава и изучува? Сѐ се ова легитимни прашања, кои нѐ засегаат сите и од сите нас бараат одговори. Не би сакал да звучам така како да критикувам некого или нешто, туку ги поставувам прашањата и за себе, но и за сите засегнати. Ние треба да одгледаме читатели и би сакал да видам истражувања околу тоа кој чита, што и колку чита?

Погледнете во тоа што е главен фокус во програмите за култура на Европска унија и ќе видите дека развојот на публиката е нешто на што најмногу се инсистира во проектите и се поддржуваат токму начините како да се развие нова публика.

Поетските фестивали имаат задача да привлечат читатели, не само да презентираат врвни творци. Зар е погрешно да се востановат нови? Не е лесно во околности кога интернетот драстично го промени живеењето, кога навиките за читање, гледање, следење се менуваат, кога исчезнуваат печатените медиуми и се појавуваат електронски, па и електронски книги, да се организираат книжевни настани. Уште потешко ќе биде печатената книга да го најде местото во услови на своевидна хипертекстуална свест. Интернетот и социјалните мрежи создадоа едно лажно чувство на учество и на активности. Тоа што е дефиниција за јавност, денес неизбежно мора да ги вклучи и социјалните мрежи. Наспроти тоа, ние напорно работиме да ги вратиме возбудата и задоволството од средбата со авторот и со неговото дело. Се обидуваме да развиеме еден уникатен концепт на фестивал кој истовремено во неколку града од Македонија ќе понуди врвни поетски творци.

 

Најавивте и проширување на Фестивалот со активности и во други градови низ Македонија. Кога би почнала реализацијата на тој проект и каде сѐ планирате да се одржува Фестивалот?

Стефоски: Некои околности од организациска и финансиска природа предодредија активностите на првите две изданија да бидат концентрирани во Скопје, иако беше планирано да се одржат истовремено во неколку градови. Треба да се има предвид самиот концепт на фестивалот, во чија реализација се неопходни партнери како што е Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје. Убеден сум дека в година ќе имаме одлична соработка со Универзитетите во Штип, Битола и во Охрид. Работиме на тоа. За ова и постои интерес, но и публика што очекува вакви настани.

Се разбира, во следните изданија ќе има некои дополнителни содржини, ќе има и оф-програма, ќе има и други елементи, кои ќе му дадат дополнителна живост и атрактивност. Планираме соработки меѓу поетите и филмските творци, сликарите, вајарите, музичарите, книжевни дебати, но и мултимедијални проекти. Не сакавме од самиот старт да го оптовариме со сето ова, зашто беше важно да се инаугурира нов концепт – презентација низ академски пристап (автопоетско предавање), низ издавачки проект (книга во едицијата „Плејади“ и повеќејазични буклети), поетски портрети со читања и инспиративни книжевни разговори со одлични модератори. И, се разбира, снимени интервјуа, кои ќе го продолжат ефектот на фестивалот долго по неговото завршување.

Бидете уверени дека следните изданија ќе бидат уште подобри.

Разговараше: Невена Поповска
Фото: Дејан Станчевски
(Текст објавен во 238. број на неделникот „Република“, 24.3.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top