| четврток, 6 декември 2018 |

Случај „Труст“: Трансмет имал и механизација и кадар за учество на тендерот

Со неиздржани докази, Специјалното јавно обвинителство прави конструирано кривично дело и бара притвор за бизнисменот Сеад Кочан, во случајот Труст, смета одбраната.

Главното сомневање на СЈО беше побиено пред Апелација. СЈО тврди дека Трансмет немало доволно механизација и кадар за да учествува на тендерот за ископ на јаглен од Суводол во Битола, но фактите презентирани пред судиите го говорат спротивното.

-Располагањето се стекнува со потпишување на договорот, капарот бил платен, машините биле на располагање, целата јавна набавка била извршена, па поради тоа нема изигрување на јавната набавка. Се вели дека има невистинита бројка на бараните работници , се барале 30 работници, а понудувачот понудил 53 вработени, а обвинителството тврди дека на 3 вработени им бил прекинат работниот однос. И да било така, вкупниот број на работници е доволен од бараниот, па тука не може да стане збор за фалсификување на тендерот – рече адвокатот Додевски пред судии во Апелација.

СЈО тврди и дека Трансмет на тендерот учествувала со дробила со помал капацитет од бараното. Но и овој наод беше побиен.

-Сеад Кочан се товари дека дал дробилка која не била подобна за наведената работа, меѓутоа тој понудил дробилка која била со капацитет и карактеристики која одговара на она што се барало. Две дробилки биле понудени на тендерот од вкупно 600 тони на час капацитет – рече Додевски.

За добиениот тендер од градежната компанија Трансмет соопштија дека процесот за тендерот со ЕЛЕМ е во целост транспарентен, а го добиле компании кои ги задоволуваат бараните критериуми.

Од Трансмет вчера преку соопштение реагираа и за манипулацијата на СЈО дека „со тендерот е прибавена имотна корист од 17 милиони евра“. Станува збор за вредност на договорот на конзорциум составен од три фирми, кој во целост е реaлизииран…

По објавувањето на предметот Труст, со став излезе и директорот на ЕЛЕМ Христијан Мицкоски, кој изјави дека тендерската постапка за предметот е водена според тогашниот закон за јавни набавки.

– Сето она што е сработено е наплатено – рече Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top