Арсенал веќе донел одлука за разделба од Арсен Венгер по завршувањето на сезонава и почнал разговори за да го доведе на менаџерската функција сегашниот тренер на Борусија Дортмунд, Томас Тухел. Оваа информација синоќа прв ја објави тиражниот германски весник „Билд“ повикувајќи се на извори блиски до Тухел. Младиот стратег одбил да одговори на понудата со образложение дека е максимално фокусиран на работата во Борусија, но самите преговори се јасен знак дека „топчиите“ повеќе не гледаат на Венгер како на опција за стратег за следната натпреварувачка сезона.
Францускиот стручњак по поразот од ВБА најави дека веќе ја донел одлуката за својата иднина и истата ќе ја обелодени наскоро. Како што стојат работите, таа најверојатно ќе биде дека Венгер нема да го продолжи договорот што истекува на крајот од сезонава и во јули и дефинитивно ќе си замине од Арсенал, нешто што навивачите го бараат неколку години наназад.
Доколку не успеат да се договорат со Тухел челниците на „топчиите“ ќе го насочат вниманието кон Масимилијано Алегри од Јувентус, а не се исклучува ниту можноста Арсенал да тргне по екс-стратегот на Ливерпул, Брендан Роџерс, кој го води Селтик до нова титула во шкотската Премиер-лига.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.