Македонците, иселеници во Шведска, се собраа денеска во Малме, од каде дадоа силна поддршка на иницијативата За заедничка Македонија.
– Денес сме собрани тука, во јужниот дел на оваа прекрасна земја, мирно и достоинствено, но со силна порака и сплотеност, да ја искажеме нашата целосна поддршка за зедничка и унитарна Република Македонија. Како една од најстарите нации во Европа, како земја која има дадено огромен број на жртви низ годините за независна и самостална држава, нашата генерација е повторно исправена пред предизвикот да си го зачуваме она, кое нам ни припаѓа.
Република Македонија географски е мала држава, но нејзината мултиетничка и мултикултурна поставеност, ја прави за држава со огромно срце. Држава во која сите нејзини граѓани без разлика на нивната верска и национална припадност, ги уживаат истите права, но и истите обврски кон неа. Секој оној кој искрено ја почитува и респектира унитарноста на Република Македонија, но и посебноста на Македонската нација, народ, јази, кирилично писмо, химна, култура, и друго, може слободно да биде дел од оваа наша заедничка Република Македонија.
Ние, Македонците од Јужниот дел на Шведска, категорично и силно се спротиставуваме на секој обид на воведувањето двојазичност на целата територија на Република Македонија, како и секакво друго мешање од страна со кое може да се наруши унитарниот изглед на нашата Татковина. Сметаме дека секаков вид на мешање на странски држави во внатрешните работи на Република Македонија во вид на платформи, е потценување на македонецот но и опасна игра која може да има несакани последици. Ние кои живееме овде во оваа прекрасна земја и кои гордо ја истакнуваме Шведска како наша втора Татковина, никогаш нема да ги заборавиме корените на нашите предци кои со своите животи ни оставиле аманет да си го браниме, она што е наше.
Сите ние сме собрани тука да и дадеме поддршка на нашата земја онаква каква што е, од исток до запад, од север до југ. Во неа има место за сите кои искрено си ја сакаат, но никогаш нема да дозволиме некои од надвор да ни ја преуредуваат или пак да ни ја бришат нашата богата историја, НИКОГАШ. Во овие времиња на искушенија, потребни сме сите, како поединци, како народ, како граѓани, од најмлад до највозрасен но само сплотени, за да ја зачуваме нашата Татковина како, една, единствена,унитарна и заедничка Република Македонија.
Онаа Македонија која сите си ја сакаме , Црвена и Жолта и каде сите ние гордо го вееме најзиното знаме. Затоа мили мои браќа и сестри, кренете ги високо црвено жолтите знамиња, за Македонија- беше пораката од Малме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.