| четврток, 6 декември 2018 |

Изградбата на гасоводот Неготино-Битола според планираната динамика

Во тек е изградбата на магистралниот гасовод од Неготино преку Кавадарци и Прилеп до Битола во должина од 92 километри за кои ќе бидат инвестирани околу 37 милиони евра. Најдоцна до средината на 2019 година се очекува да биде пуштен во употреба со што кон крајот на оваа година Кавадарци прв ќе добие гас, а септември или октомври следната година и Прилеп ќе биде приклучен на природен гас.

Паралелно со ова, околу 60 проценти е готова изградбата на гасоводната мрежа од Штип кон Неготино кој се очекува да биде готов до крајот на годината, а веќе завршен е гасоводот од кумановско Клечовце до Штип. Во тек се и активностите за изградба на гасоводната делница Скопје – Тетово – Гостивар. Со ова ќе се заврши првата фаза од изградбата на примарниот гасовод со кој ќе бидат опфатени околу 70 проценти од потрошувачката.

gasovod 3

Директорот на Македонски енергетски ресурси Крсте Миладинов денеска во Кавадарци, каде беше извршен увид на изградбата на гасоводната делница од Неготино до Битола, истакна дека работите се одвиваат според планираната динамика и оти засега нема застој во работите.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој заедно со директорот на МЕР,  вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски изврши увид на работите, рече дека се работи за стратешки проект кој е важен за иднината и на државата и на компаниите, а ќе има влијание и врз заштитата на животната средина.

– Добро е што и во овие времиња на политичка криза и на целата оваа работа со која не само ние политичарите, туку и граѓаните се справуваат, не застануваат овие стратешки проекти, истакна Груевски.

gasovod 4

Големите компании и индустриските зони ќе може да се приклучат на примарниот гасовод за што, како што истакна директорот на МЕР, веќе има интерес од страна на ФЕНИ Индустри и ИГМ да се приклучат кон магистралниот гасовод од Неготино до Битола.

Паралелно со изградбата на примарниот гасовод се одвиваат и активностите за изградба на секундарната гасификација со која гасот ќе им биде достапен и на домаќинствата и на помалите компании.

Вицепремиерот Пешевски посочи дека веќе е распишан тендерот за изградба на секундарната гасификација и оти за неколку месеци се очекува да биде избран најповолниот понудувач кој ќе ја гради оваа мрежа.

– Претходно имавме еден обид, но поради кризата во Турција, еден од најсериозните понудувачи, се откажа, но научивме многу од овој процес. Сега направивме значителни подобрувања и очекувам зголемен интерес од страна на компаниите. Веќе пет-шест компании ја подигнаа потребната документација, нагласи Пешевски.

Првата фаза од примарниот гасовод е во вкупна должина од околу 280 километри, а веќе во втората фаза се планира и влез на цевковод преку Грција за што, како што изјави заменик-министерот за економија Христијан Делев, преговорите со грчката страна се во тек.

Тој истакна дека проектот е веќе одобрен од Европската унија и е ставен како приоритетен за изградба, а кон крајот на септември веќе се очекува да бидат обезбедени и финансиски средства за негова изградба.

– Пред две недели бевме во Грција каде се гради нов терминал во Александрополис и концесионерот е заинтересиран гасот да го пренесе во Македонија, а преку неа и во Србија, рече Делев.

gasovod 2

Со изградбата на примарната, а потоа и на секундарната гасоводна мрежа се очекува зголемен обем на работа и за градежните компании.

Според министерот Мисајловски, многу градежни компании ќе почнат да градат, а исто така и странски компании се заинтересирани да учествуваат на тендерите.

Гасификацијата не само што ќе има влијание врз заштитата на животната средина, туку се очекува да влијае и врз падот на цената на енергенсите, како и на зголемување на конкурентноста на компаниите и на отворањето на нови работни места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top