Данскиот ракометен стручњак, кој кусо време беше на клупата на македонскиот шампион ЖРК Вардар, Јан Питлик, е во центар на данската јавност откако на последниот тренинг им соопштил на ракометарки дека нема да толерира доколку уште некоја остане трудна додека е под договор со клубот Оденсе. Неговата реакција следува откако дури три ракометарки оваа сезона заминаа на трудничко боледување.
Токму затоа Питлик гостуваше во дневникот на јавниот сервис ТВ2 во обид да ги расчисти сите дилеми околу своетооднесување.
Сигурно не сум ја искористил таа формулација на зборови. Она што го кажав е дека сметам дека е фрустрирачка ситуацијата во која се наоѓаме. Мислам дека некои од девојките не разбраа што сакав да кажам. Навистина жалам поради тоа. Но никогаш не кажав дека е неприфатливо е ракометарка да биде трудна. Немам ништо против бременоста на ракометарките, тоа е право на жената и јас го почитувам во целост. Она за што дискутирав е дека потпишуваме договор со ракометарка на три години и по три месеци таа е трудна. Така не можеме да функционираме како клуб, затоа е важно да се отвори дебата и да бидеме искрени од самиот почеток за такви работи. Се прашуваме „Дали била трудна додека потпишувала договор и какви и се амбициите да игра во данската лига?” Ако ракометарка ми каже дека сака да има дете во наредните три години, мислам дека заедно би нашле некакво решение , изјави Питлик.
Од минатата година дури 10 ракометарки на клубот останаа трудни, а годинава трудни останаа Сузан Торогард, Сузан Мадсен и Стине Свангард.
Неколку години Данска спроведува кампања за покачување на наталитетот и ги повикува младите да водат љубов, да раѓаат, за да ѝ помогнат на татковината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.