| четврток, 6 декември 2018 |

Дурловски: Жолтата боја нека биде симбол на сонцето кое е еднакво за сите!

Игор Дурловски, кој е еден од организаторите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, преку социјалната мрежа „Фејсбук“ ги повика сите граѓани да им се придружат на протестите истакнувајќи дека е горд Македонец, сигурен заради борбата која ја водат со срце, заради честа која нема цена, заради предците и децата.

durlovski-1-768x381

-Со дел од вас сме заедно на улиците низ Македонија повеќе од две седмици, „За заедничка Македонија“… ги оставивме нашите удобни фотелји како што милуваат да кажат оние кои не се согласуваат со нашите цели, ги оставивме нашите најмили и нашите семејства за да овде, на улиците, на плоштадите, пред домашната и пред целата светска јавност, побараме една единствена работа, една работа за која мислевме дека нашите предци веќе се избориле, една работа со која и устите на нашите неистомисленици се полни, една работа која во веков кој го живееме не сме помислувале дека одново ќе ја бараме, а тоа е правда…правда за сите… правда за нас што сме тука, правда за тие што не се со нас вечерва, а се со нас во срцата, но правда и за оние кои не се согласуваат со нас; бидејќи само во општество кое е праведно за сите, секој од нас како индивидуалец може да ги оствари своите лични слободи, да ја почувствува светоста на семејството, да го живее секој миг од својот живот исполнет со надеж, надеж за подобро утре, надеж за спокојство, надеж за внатрешен мир!

Некој се обиде таа надеж да ја одземе, да ја покори, да ја сокрие зад разни флоскули, да ја сведе на зависност, да ја замени со страв. Некој се обиде да нѐ убеди дека не сме кадарни, дека сме недоволно мотивирани, дека сме неинформирани и уплашени да се појавиме со нашето лице без маски, со нашата чест овде пред сите вас. Некој се обиде да нѐ соголи секој поединечно, да ги оспори нашите мотиви, да ги релативизира нашите досегашни достигнувања на секое поле каде сме се избориле за одреден статус; употребија методи кои само нѐ убедија дека сме на вистинскиот пат и дека се движиме по него со брзина и сила за која ниту имаат начин ниту имаат чест да ја пратат. Некој се обиде да ја одземе нашата слобода да се изразуваме, нашата слобода да бидеме тоа што сме, тоа што сме биле отсекогаш. Фактот што ги замешаа моите и нашите деца во борбата, најчистите и најневините од нас – зборува најпрецизно за нив, зборува за нивната суштина, зборува за смислата, која на крај е едно големо – ништо!

Ви простувам почитувани, Ви простувам и знам дека сите кои со срце размислуваат ќе Ви простат. Ви простувам за сите зли зборови, за сите притисоци, за сите подметнувања, сепак ова е човечка борба за Вас, Вашиот мотив е човечки, и од таа перспектива Ве разбирам целосно. Она што од Вас барам, е да се обидете да ја разберите мојата борба. Верувам длабоко дека секое разумно човечко битие поседува духовен и морален капацитет да ја разбере, ако се натера себеси да погледа длабоко во суштината. Таа е борба за идеали… борба за идеја; Идеја која е постара од сите други идеи, идеја која е водилка на свесно или несвесно ниво сите милениуми, идеја за која и денес е потребна како што е потребен лебот што го јадеме и водата која ја пиеме. Драги пријатели, се работи за слободата.

Слободата да си и слободата да бидеш! Слободата да го користиш својот разум, своето знаење, да го живееш својот живот под ова сонце без притоа да чувствуваш притисок да се браниш заради тоа што си! Нели тоа беше дел од борбата на едни други кои протестираа изминатиов период?

Во претходни мои излагања кажав дека дел од „Шарената револуција“, како идеја, за мене беше симпатична. Бунтовноста секако е една позитивна карактеристика на еден народ и една младост. Мојата лична диоптрија на шарената револуција, освен уништувањето и насилството, ги гледа и одбира црвената и жолтата боја, боите на Македонија, на онаа Македонија која денес дознаваме дека некој сака да ја збрише како таква, да ја направи монохроматска, да ги избледи боите кои се крв-црвена и сонце-жолта… крвта не знае за нација, сите имаме предци кои ги оставиле коските за денешнава слобода која ја ползуваме, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Хрвати и сл… браќа по мака, браќа по судбина. Жолтата боја нека биде симбол на сонцето кое е еднакво за сите!

Браќа и сестри, стојам овде пред Вас, охрабрен од бројот во кој секојдневно сме поддржани, со енергија која ја црпам секојдневно од Вас, со чиста мисла и чиста совест. Свечено изјавувам дека се чувствувам горд што сум Македонец, што имам ваква прекрасна земја.

Звуците на Македонија насекаде низ светот побудуваат и денеска мистични натсвесни чувства кај слушателите, таа енергија е жива-колку што сме живи и ние, внуците на нашите баби и дедовци, синовите и ќерките на нашите мајки и татковци кои ни ја пренеле низ годините; Мирисите на Македонија се чувствуваат низ целата Земјина топка. Сега не е време за мирис на барут и звук на оружје. Оваа борба е борба на мислата и борба на знаењето. Затоа и повикувам на помирување, затоа и повикувам на простување. Секој од нас е дојден тука за да со својата исклучителност, со својот карактер, со своето лице помогне кон остварување на нашите цели „За заедничка Македонија“…Македонија која е земја на сите граѓани; Ве повикувам да се бориме со песна, нашата музика да нѐ води кон победата, силната емоција и нашите солзи и морници да се нашите ветришта и бури… да се бориме со ЗБОРОТ, бидејќи зборот е непобедлив кога вистината е на наша страна.

Оттаму и СТРАВОТ. Стравот кај оние кои во изминатиов период делумно се освестија, стравот дека можеби нивната борба била залудна, дека можеби суштината на нивната борба била една голема ЛАГА. Поголем дел од нив ја прифатија нашата подадена рака, го прифатија нашето простување. Бидејќи, во нив не лежи никаква вина, верувам дека нивните срца останале човечки и нивната совест чиста. Човечки е да се греши. Човечки е и да се покаеш. Останува срамот. Срамот кај оние кои свесно ги воделе останатите во заблуда, срамот кај оние чии умови свесно ги негирале внатрешните немири и автентичната здраворазумна мисла. Искрено верувам дека совеста е најмоќното орудие со кое тие умови веќе се победени; искрено верувам дека негативната енергија со која ги наполнија нашите животи, најмногу и најтешко ќе им падне ним.

Ги охрабрувам сите оние кои чувствуваат дека би сакале да се овде со нас, што знаат дека ни е потребна и нивната поддршка, што се свесни за сериозноста на денешниов миг, слободно да дојдат да ни се придружат! Цената што треба да ја платиме е преголема за да се занимаваме со суета, раздори, несогласувања; Дојдете слободно, видете со свои очи и чујте со свои уши, сигурен сум дека веќе денес подобро ќе се чувствувате, знаејќи дека со својата поддршка придонесувате кон една подобра Македонија за Вас и идните поколенија. Улиците се слободни, плоштадите се преполни, Ве очекуваме со чиста мисла и песна!

Драги пријатели! Знам и сигурен сум во конечната победа, во целосно остварување на целите кои си ги поставивме на почетокот! Сигурен сум заради надежта која е повторно на нашите лица. Сигурен сум заради вербата која не не напуштила и во најтешките искушенија кои оваа борба ни ги донесе. Сигурен сум во конечната победа заради енергијата која ја чувствувам и која расте од ден на ден, од час во час, од миг во миг…Сигурен сум заради нашата борба која ја водиме со срце, заради нашата чест која нема цена, заради нашите предци и нашите деца, пишува Дурловски на Фејсбук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top