Кумановци и вечерва се приклучија на маршот во организација на иницијативата „За заедничка Македонија“ и ги повторија пораките за зачувување на унитарниот карактер на државата, против двојазичноста, промена на Уставот и отфрлање на „тиранската платформа“.
Кумановци овој пат се собраа од кај трговскиот центар „Сума“ и поминаа низ улиците во градот, повикувајќи ги граѓаните да им се придружат. Маршот како и претходните денови заврши пред платото на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ на кој се обрати Невена Величковска која рече дека ова е четврти Илинден, а дека во претходните Илиндени, Македонците ја искажале почитта кон сите оние кои живеат под ова небо.
– Дојде ред и на нас да ја покажеме таа взаемна почит. Ние, современците на овој миг, имаме должност да ги споиме тие вредности од минатото, за доблесно да се насочиме кон иднината, рече Величковска.
Додаде дека ниту еден патриот не е против националните права, култура, традиционалните вредности на својот сограѓанин.
Величковска побара ниту една политичка партија да не ја потхранува дискриминаторската политика на одредени земји, а ниту една политичка партија „да не прифати платформа, создадени за туѓи интереси во туѓи држави, без иборен легитимитет чија цел е разнебитување на Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.