Она што го гледаме е резултат на виткањето на кичмата на некои политичари во Македонија и давањето поголема сила на странски фактори отколку на домашните кога се работи за иднината и суверенитетот на Македонија, истакна за телевизијата Сител членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Во врска со изјавата на албанската пратеничка Месила Дода која повика на сеалбанско востание во Македонија, и која Македонија ја нарече Илирида, Милошоски вели дека таа треба да се прогласи за персона нон грата.
– Државата би требала да биде категорична во тој дел и преку своите надлежни институции, доволно е оваа пратеничка која е во некој националистички предизборен занес да ја прогласи за персона нон грата и да испрати една јасна порака, потенцира Милошоски.
Посочи дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев отворил пандорина кутија на штета на продуктивната дебата и на етничките односи во Македонија, се со цел да стане Премиер, иако како што вели, беше претседател на партија која ги загуби изборите.
Според Милошоски, постојат два излеза од политичката криза во која што се наоѓа Македонија.
-Едното излезно решение е нови избори за да може платформата за која што зборат реформистите Заев и Зијадин Села да биде ставена на избори и увид пред граѓаните. Тие што гласаат за РМ, тие да знаат за што гласаат, а тоа да не биде постизборен документ. И вториот излез од оваа полит криза е Заев да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, без да му се мешаме во кадровските избори во Владата, да го поддржиме како малцинска влада СДСМ, само под еден услов, да се откаже, да се одрече од спроведувањето на платформата од Тирана и да ги прави оние работи кои што се запишани во програмата на СДСМ, кои што ја виделе неговите гласачи за време на изборите, истакна Милошоски.
Тој потенцира дека Заев се обидел преку, како што вели, манипулативна прес-конференција да ја дефокусира јавноста, читајќи програмски памфлет на СДСМ, со цел јавноста да мисли дека во Тиранската платформа не е дел од неговата програма.
-Сите други партии кои сметаат дека иднината на Македонија треба да се гради тука, во нашата држава, во нашиот главен град и граѓаните на Македонија без разлика на политичка и етничка припадност, треба да се откажат од посредништво од трети или четврти држави, бидејќи Македонија има доволно голем и политички и граѓански капацитет самата да си ја изгради својата иднина и напредок, истакна Милошоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.