| четврток, 6 декември 2018 |

Човекот што им ја подари Норвешка на нацистите – Видкун Квислинг

Деветтиот круг од пеколот

Предавството е форма на измама. Да предадете некого значи да ја изневерите неговата доверба, неговите очекувања и лојалноста или да ги повредите интересите на групата на која ѝ припаѓате. Предавниците ги осудува времето, ги осудуваат современиците, идните генерации, но дури и тие на кои предавството им оди в прилог.

Низ историјата предавството се сметало за еден од наjлошите чинови што може да ги направи eден чoвек за групата на која ѝ припаѓа (државата, народот, племето, војската) и, главно, секогаш остро се казнувало.

Велепредавството или политичко предавство на државата и на народот се сметало за најголемо злосторство, поголемо и од убиството. Во средновековна Англија со законот што важел до 1814 година велепредавство се казнувало со бесење, задушување и, на крајот, сечење на четири дела за мажите и спалување на клада за жените.

Во историјата ова срамно име го носат Марко Јулие Брут, еден од атентаторите на римскиот цар Гај Јулие Цезар и Јуда Искариотски, предавникот на Исус Христос. За предавството Шекспировиот крал Лир вели дека е полошо од убиство, а Данте во „Пеколот“ им го резервира деветтиот круг токму на предавниците.

Riddersalen,_Vidkun_Quisling_og_Josef_Terboven_m._fl_(8618020691)

Норвешкиот Хитлер

Во поновата историја велепредавството се врзува за името на норвешкиот политичар и соработник на нацистите во Втората светска војна, Видкун Квислинг. Поимот квислинг во почетокот означувал соработник или соработници и помагачи на германскиот окупатор во Втората светка војна, кои под надзор на Хитлерова Германија управувале повеќе држави-марионети во Европа. По војната се користи за соработници на странски завојувачи или, општо, за предавници.

Видкун Квислинг е роден во 1887 година. Во Фиредсал. Уште како дете покажал интерес за религија и за метафизика и тој интерес не спласнал со текот на годините. Отишол дури толку далеку што осмислил сопствена религија – универзализам, која претставува еден вид христијанство. Сепак, на крајо се решил да гради војничка кариера, а, како сѐ во животот, и со војската почнал многу рано, на 18 години. Во Воената воздухопловна академија се запишал во 1905 година и по школувањето (во 1908 година) бил најдобар војник во својата класа. Првото унапредување го добива во 1917 година, кога му е доделен чинот капетан. Кариерата ја продолжил со учество во хуманитарни мисии во Советскиот Сојуз и во Ерменија (1922-1925), а потоа е службеник во норвешката амбасада во Москва. По враќањето во Норвешка влегува во политиката како страстен антикомунист. Како член на Селанската партија бил министер за одбрана, а во 1933 година основал мала партија – Народен сојуз, која имала малку следбеници, но моќен помагач – германските нацисти. За помошта Квислинг ќе им се оддолжи при инвазијата на Норвешка зашто неговата партија ќе биде петтата колона при нападот на Германија врз Норвешка.

Ни мртов не му избега на судот на народот – Ванг Ѓингвеи (Велепредавници во историјата)

Партијата била уредена по принципот на германските нацистички партии, а Квислинг самиот себеси се нарекувал водач и „норвешки Хитлер“. И покрај поткрепата што ја добивал од Здружението на норвешките селани на изборите во 1933 година, неговата партија добива околу два процента гласови, а потоа партијата се врти уште подлабоко во десен радикализам отворено прифаќајќи пронацистички и антисемитски ставови. На наредните избори, во 1936 година добил уште помалку гласови, но по германската инвазија на Норвешка партијата со едвај 2000 членови ќе порасне на партија со 45.000 членови (1945 г.).

tema236-kvisling-2

Предавството на Квислинг

Во почетокот на Втората светска војна Квислинг одржал повеќе состаноци со Хитлер и со неговите соработници за да ги убеди во нужноста да се освои Норвешка. Кога успеал, во април 1940 г. Германија извршила инвазија на Норвешка, а тој, како министер за одбрана им помогнал така што ги уништил комуникациските средства во норвешката војска. Така им помогнал на Германците подлабок пробив без никаков отпор од Норвежаните. Во мај истата година Норвешка капитулирала.

kvisling

На 9 април 1940 година кралското семејство и членовите на парламентот биле принудени да го напуштат главниот град и да се повлечат во Елверум. Квислинг во тоа ја видел својата шанса да дојде на власт и само неколку часа по германската инвазија се самопрогласил за премиер, a Народниот сојуз за единствена легална политичка партија. До 1942 г. Германците не сакале официјално да го признаат за премиер сѐ додека тоа не го направи норвешкиот крал Хакон Втори. Но, бидејќи тој упорно одбивал, Германија го признала, а за возврат тој се трудел да ги всади германските нацистички принципи во норвешкото општество. Германските принципи, меѓу другото, подразбирале прогон на Евреите. Тој се смета за одговорен за протерување на повеќе од 1.000 Евреи. Освен тоа, спроведувал терористички методи кон тие што покажувале лојалност кон избраната влада, а кои по инвазијата на Германија престојувале во Лондон. По Втората светска војна Квислинг бил фатен и осуден на смрт со стрелање. Смртната казна е завршена на 24 септември 1945 година.

Велепредавниците во историјата: Ванг Ѓин­гвеи


Подготвила Kатерина Mитиќ

Текстот е објавен во 236 број на неделникот Република, кој излезе од печат на 10 март 2017 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top