Во сеќавање на архитектот Славко Брезовски (1922-2017 г.), кој почина завчера на 95-годишна возраст во Скопје
Највпечатлива средба за време на моите подготовки за заминување во Бразил, како прв македонски амбасадор во Латинска Америка, беше средбата со великанот на македонската архитектура Славко Брезовски. Неговите поранешни студенти ме предупредија да не очекувам премногу од средбата затоа што професорот Брезовски е во поодминати години, но тој на своите, тогаш, 94 години ме пречека совршено подготвен за мојата посета. Претпоставувал дека ќе бидам заинтересиран и за неговиот проект за изградба на Амбасадата на СФР Југославија во Бразилија, па отишол на Архитектонскиот факултет за да ги дигитализира своите нацрти, а ми ги предаде и копиите од целиот изведбен проект што тој ги изработил во пресрет на мојата посета. Кога зборуваше за неговото време поминато во Бразилија неговите очи блескаа со посебен жар, небаре ми зборува млад студент по архитектура што допрва сака да го остави својот печат на светот, наместо веќе докажаниот неимар на македонската и на светската архитектура, чии дела се расеани насекаде по Земјината топка.
Во жестока конкуренција на врвните југословенски архитекти, Славко Брезовски победил на конкурсот за изградба на амбасадата во Бразилија, новиот футуристички бразилски главен град, замислен како симбол на глобалните стремежи на овој јужноамерикански џин. Урбаната легенда помеѓу дипломатите и архитектите во Бразилија вели дека Славко Брезовски и американските архитекти од прочуеното биро „Меклеод и Ферера“ влегле во мртва трка, која земја ќе биде првата што ќе ја изгради и ќе ја отвори својата амбасада во Бразилија. Македонскиот архитект победил, но не можел да присуствува на својот триумф затоа што бил принуден да ја прекине својата работа во Бразил и итно да се врати во Македонија каде што ги вложил сите свои креативни енергии во повторната изградба на Скопје, разрушено во трагичниот земјотрес од 1963 година.
Неговиот проект за југословенската амбасада во Бразилија добива позитивни критики во најугледните архитектонски списанија, а самиот Оскар Нимаер двапати го посетува градилиштето на новата амбасада, придружуван од Брезовски, па тие неколкупати имале можност да дискутираат за нивните замисли околу новиот бразилски главен град, но и за тогашните стремежи на модерната архитектура. Можам само да си го замислам чудењето на нивните соговорници од тоа време, кои тешко можеле да си ги претстават визиите на двајцата великани, Нимаер и Брезовски, кога насекаде околу нив се протегал бескрајниот мир на бразилска савана. Денес тука се наоѓа еден од најдинамичните бразилски центри, град заштитен од УНЕСКО и споменик на визијата на архитектонските џинови од времето на Нимаер и на Брезовски.
Фотографиите, написите и проектите на Славко Брезовски ги предадов во архивот на македонското министерство за надворешни работи, а тимот за сукцесија при МНР редовно се консултираше со архитектот за сите детали и за прецизно дефинирање на македонските барања во процесот. Суптилниот патриотизам на Брезовски тука доаѓаше до полн израз и тој настојуваше да помогне за да се издефинира најдобра македонска позиција, имајќи ги предвид сите сложености на процесот на сукцесија.
Името на Славко Брезовски е впишано во листата на архитектите што ја изградиле современа Бразилија. За Македонија тој не е само великан на македонската архитектура, туку и еден од пионерите на современата македонска дипломатија.
За мене беше чест што ја имав привилегијата да го запознаам, а неговата фотографија пред натписот на градилиштето на југословенската амбасада во Бразилија вечно ќе ја краси македонската амбасада во Бразил, како симбол за светлиот почеток на бразилско-македонските односи.
(Пишува амбасадорот Ивица Боцевски)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.