| четврток, 6 декември 2018 |

Во ЕУ жените добиваат 20 отсто пониски плати од мажите

Во земјите-членки на ЕУ жените примаат во просек за 16,3 отсто помали плати од нивните машки колеги, а во некои држави тие се пониски и за над 20 проценти, покажуваат податоците на Евростат, пишува „Нова Македонија“.

Според овие податоци, во 2015 година во поголемиот број земји-членки на ЕУ, меѓу кои се и Бугарија, Летонија, Португалија, Словачка, Финска и Франција, платите на жените се за 15 до 20 проценти пониски од оние на мажите.

Најмали разлики во платите од 5,5 проценти има во Луксембург и Италија, додека лични примања со најголема разлика во полза на мажите има во Естонија – 27 отсто, во Чешка, Австрија и Германија – по 22 проценти и во Велика Британија – 21 отсто.

Податоците на Евростат покажуваат дека за секое едно евро што ќе го заработат мажите, нивните колешки за истата работа добиваат по 84 евро центи.

Нееднаквоста меѓу мажите и жените на пазарот на трудот во ЕУ не постои само во висината на платите, туку и во раководните позиции што ги заземаат. Така, во 2015 година само една третина од менаџерите во ЕУ биле жени, иако припадничките на понежниот пол учествуваат со 43 отсто во вкупната работна сила.

Ова е посебно видливо во секторите администрација, трговија и услуги, каде две третини од вработените се жени, но мнозинството шефови се мажи.

Разлики има и во стапката на вработеност меѓу мажите и жените во земјите членки на ЕУ. Така во Малта вработени се 80 проценти од мажите и само 50 отсто од жените, што значи дека разликата во стапката на вработеноста изнесува 30 проценти.

Оваа разлика во Италија изнесува 20 отсто, а во Грција – 19 проценти. Најмала разлика во врaботеноста меѓу мажите и жените има во Литванија и Финска од по околу три отсто и во Шведска од пет проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top