Православните верници денеска го слават пазникот Тодорова Сабота – Празник на приврзаноста кон велигденскиот пост. Именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Божидар (доаѓа од Тео-Бог и дар).
Јавувањето на св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.
Споменот на светиот великомаченик Теодор Тирон се празнува на 2 март/17 февруари. Но, кај нашиот народ попознат е другиот празник поврзан со овој светител, а тоа е Тодорова сабота (Тодорица), подвижен празник, што се празнува во првата сабота од Велигденскиот пост.
Педесет годни по смртта на свети Тодор во Цариград владеел царот Јулијан Отстапник. Така бил наречен поради тоа што во младоста бил христијанин, а подоцна кога станал цар се откажал од христијанството и со сите средства ги прогонувал христијаните Таа година сакајќи на некој начин да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот пост, особено првата недела по која некои се причестуваат, царот наредил сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со крв од жртвите принесувани на идолите. Но тогаш на цариградскиот патријарх не во сонот, туку на јаве, му се јавил свети Теодор Тирон и му рекол да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде испоганета со крв. Наместо тоа цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така останале неосквернети. Во спомен на овој настан првата сабота од Велигденските пости е наречена Тодорова сабота, тогаш се оди во црквата и се носи жито.
Според едно предание од Гевгелиско, свети Тодор бил војник во царевата војска и кога дознал за намерата на еврејскиот цар да го укине христијанскиот пост трчал со коњот од место во место за да ги храбри христијаните да издржат зашто, како што претпоставувал, Евреите до првата сабота морале да попуштат. Тоа негово предвидување се покажало точно поради што црквата го прогласила за светец.
Во спомен на овој подвиг на Теодор Тирон се празнува Тодорова сабота празник во народот познат како Тодорица. Овој празник спаѓа во оние празници што немаат постојан датум туку зависат од Велигден. Секогаш се паѓа во саботата по Прочка, што значи првата сабота по овој празник, односно на крајот од првата недела од големите Велигденски пости.
Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача, а К. Шапкарев забележал дека во охридските села носеле колаци со четири проскурчиња „за воловско здравје“. Овој обреден леб од горната страна е украсен со разни фигури: волови, плуг, јарем, коњи, коњски плочи, трло со јагниња и сл. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа којашто се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите продукти свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје“, „за воловско здравје“, „за коњско здравје“ итн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Што не треба да прават жените на Тодорова сабота?
-
Тодорова сабота: Девојки направете го ова за да дознаете кој ќе биде вашиот брачен другар
-
Денеска е Тодорица – младите невести прават еден адет за пород
-
Тодорова Сабота – свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии