Договорот за обединување на албанските партии во Македонија не е напишан од страна на ДУИ на Али Ахмети. Ова беше суштината на официјалното писмо што неодамна беше испратено од движењето Беса упатено до премиерот на Албанија, Еди Рама, пренесуваат медиумите на албански јазик.
Функционерите на Беса, исто така, најавија дека без посредство од страна на албанска влада нема да прифатат да седнат да преговораат со ДУИ . Од друга страна, пак, СДСМ на Зоран Заев испратил писмен документ до Демократската унија за интеграција, во кој предложил договор за формирање владина коалиција, пишуваат албанските медиуми
Беса во писмото бара објаснување во врска со една изјава на ДУИ, според која договорот за да ги собере албанските партии под една платформа беше предложен од страна на претставници на Демократската унија за интеграција.
Движењето Беса го отфрли ова тврдење и наведува дека се беше почнато од страна на Владата на Албанија, додавајќи дека поради оваа акција нема да прифати веќе да седне и да разговора со ДУИ, но додава дека може да направаат исклучок само во случај ако средбата биде посредувана од страна на премиерот Рама, пишуваат албанските медиуми.
Во меѓувреме, во тек се преговорите за формирање нов владин кабинет. Официјални извори за албанските медиуми информирааат дека СДСМ поднесе и писмен документ на ДУИ, понудата на Зоран Заев за албанската партија. Сѐ уште не се знае точно кои точки по ред се наведени во овој документ, но ќе мора да се чека за тие да се обелоденат и да се види дали понудата ќе биде прифатена или не од Демократската унија за интеграција.
Во време кога албанските партии треба да го искористат овој решавачки момент за иднината на земјата, изгледа тие се насочени кон длабоки поделби. Нешто вакво беше потврдено и од изјавата на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој рече дека ДПА, Беса и Алијансата за Албанците треба да се соединат против ДУИ бидејќи ДУИ не е конструктивна во преговорите, пишуваат албанските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.