| четврток, 6 декември 2018 |

Македонскиот непокор се излеа на улиците: Народот е „чадорот“ на Македонија

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

Прогнозите на стратезите на Заев дека македонскиот народ со „свиткана кичма“ ќе го прифати разнебитувањето на татковината се покажаа како очајно лоши. Деновиве сме сведоци на едно големо народно будење, кое симболично е наречено „Четврт Илинден“. За тие што не знаат, Илинден е симболот на македонскиот непокор, на вековната борба за надминување на стравот што му го наметнувале од надвор, но и на остварувањето на сонот за сопствена држава.

Несомнено е дека денес се наоѓаме пред една голема пресвртница по која или ќе зачекориме како сериозна држава или нема да нѐ има ни како народ. Токму затоа е оправдан револтот на десетици илјади Македонци, кои секој ден сѐ повеќе и повеќе излегуваат на улица за да се спротивстават на плановите за разнебитување на државата.

Странските сценаристи на планот за уништување на државата и нивните домашни соработници го превидоа моментот дека на народот може да му дојде преку глава, да излезе на улица самоиницијативно и да ја реши кризата што му ја наметнаа на сила. Во есапот на чадорот, Македонецот бил проценет како мекотелно суштество, без „кичма“. Како кукавица што ќе се исплаши и ќе ја наведне главата пред неговите нови владетели и пред домашните предавници. Некој таму проценил дека Македонецот е пластелин што може да го обликува секоја будала, кој ќе стигне да му одзема делови од татковината, да го гази и понижува до бескрај секој кому ќе му се присака… Но при моделирањето на профилот на Македонец планерите направиле грешка што црпнале дефектен примерок од Муртино.

Токму деновиве истите тие дипломати, амбасадори, Соросови платеници и политички квислинзи ја увидуваат грешката во процената. Поради стравот од моќта на народот сега се обидуваат да го забрзаат устоличувањето на дефектниот изигрувајќи ја волјата на вистинскиот Македонец. По секоја цена!

За да му ја скршат „кичмата“ на непослушниот Македонец, му составија влада од партии диригирана од надвор, му подготвија целосно обезличување во платформа договорена во друга држава, а слушаме од предавниците дека планираат да си организираат дебати на кои странци ќе ни кроеле ново знаме, химна, грб, име на држава… Какви лудаци! За црпнатите, убеден сум дека ова е нормално и прифатливо, арно ама, процесот на дегенерација не може да помине никако кај македонскиот народ, кој решително излезе на улица да каже стоп за разнебитувањето на државата.

kol235-nm-cador-narod-1

Исплашени од решителноста на народот да си ја зачува државата по секоја цена, домашните квислинзи преку Соросовите медиуми и платеници со сите сили се обидуваат да ги оцрнат протестите, а во исто време вршат невиден притисок врз претседателот Иванов за да му го додели мандатот на Заев колку што е можно побрзо.

Некому му гори под нозе од освестените Македонци, па сака да ги реши работите по брза постапка. Со 67 потписи на пратеници диригирани и уценувани од странски центри на моќ треба на подмолен начин да се украдат суверенитетот на државата и волјата на мнозинството македонски граѓани.

Математиката на сценаристите нема да помине во никој случај! Пред сѐ затоа што тоа не го дозволува Уставот, а потоа и поради тоа што пратениците што оставиле потписи на списокот на Заев не го добиле мандатот од граѓаните за да спроведуваат таен договор на нивните лидери по изборите. Ако некој сака да спроведува каква било платформа, ако сака да воведува целосна двојазичност, да менува изглед на валута, знаме, химна, грб… ако сака да го менува унитарниот карактер на државата, тој треба да одговара на суд за уривање на уставниот поредок, а не да бара мандат за формирање влада.

На сите треба да им биде јасно дека граѓаните даваат мандат за спроведување програма, а не за платформи договарани постизборно, особено не за странски платфорни. Народот е тој што дава и одзема власт а не амбасадори, дипломати и разноразни бирократчиња.

Со оглед на фактот дека волјата на граѓаните на последните избори е изманипулирана, односно украдена, сега народот што го гледаме во сѐ поголем број на улиците нема друг избор, освен да бара целосно отфрлање на овие антимакедонски програми и организирање на што е можно побрзо нови фер и демократски избори.

На сите непријатели на Македонија и на македонскиот народ, домашни и странски треба да им биде јасно – народот доаѓа по своето и нема да дозволи државата да ја преземе квислиншка влада. Гордо и достоинствено ќе застане наспроти сите мршојадци, кои сакаат да го растргнат ова парче земја, и нема намера да отстапи ни милиметар.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top