| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: Сите политички лидери, вклучително и Иванов да го почитуваат исходот на изборите

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, вечерва преку својот профил на социјалната мрежа „Твитер“ реагираше на одлуката на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов да не му додели мандат за составување Влада на првиот човек на СДСМ, Зоран Заев.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан ги повика сите политички лидери во земјата, вклучително и Иванов, да го почитуваат исходот од неодамнешните избори во земјата.

– Во однос на последниот развој на настаните во БЈР Македонија, сите политички лидери, вклучитлено и претседателот Иванов, мора да го почитуваат исходот од неодмнешнтие избори. Во демократијата, мора да се признае парламентарното мнозинство, дури и ако тоа не го сакате. Затоа, очекувам сите политички лидери и институциите да му дозволат на демократскиот процес да се одвива по својот тек, во интерес на граѓаните, порача Хан во неговото соопштение и објава на социјалната мрежа „Твитер“.

Во текот на утрешниот ден, пораките од Европската унија, директно на македонските политички лидери и на претседателот Ѓорге Иванов се очекува да им ги пренесе и високата претставничка на Европската унија, Федерика Могерини, која ќе пристигне во еднодневна посета на македонската држава.

На предвремените парламентарни избори, што се одржаа на 11 декември 2016 година ВМРО ДПМНЕ победи со 454.577 гласови и освои 51 пратенички мандат, а СДСМ со 436.981 освои 49 мандати. Партијата на Али Ахмети, ДУИ со 86.796 гласа освои 10 пратенички места во Парламентот. Беса има пет места (57.868 гласа), партијата на Зијадин Села Алијанса за Албанците освои три места, а таа на Мендух Тачи две.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top