| четврток, 6 декември 2018 |

Да не се експериментира со македонските национални чувства – земјоделците во одбрана на унитарноста на земјава

zem2

Земјоделци од Пелагонија одржаа мирен протест на влезната крстосница во Битола и порачаа македонските партии да ја отфрлат платформата на албанските партии.

Според Васко Јосифовски земјоделец од општина Могила, блокадите со трактори ќе продолжат и ќе се одвиваат се додека не биде повлечена албанската платформа.

– Изразуваме поддршка на македонските патриоти кои застанаа во одбрана на татковината од албанската платформа и како земјоделци сметаме дека треба да дадеме придонес за унитарноста на Македонија. Доколку има потреба ние секојдневно ќе ги блокираме патиштата- рече Васко Јосифовски земјоделец од селото Трновци.

zem3

На мирниот протест учествуваа земјоделци од села кои гравитираат кон општините Могила и Битола.

И земјоделци од Свети Николе денеска со трактори го блокираа патниот правец Штип- Скопје во близина на фабриката за месни производи МИК. Блокада траеше половина час, а е резултат на последните политички случувања во земјава.

zem

Велат дека се загрижени за својата и иднината на нивните деца. Приоритет, додаваат, им се стабилноста и економскиот проспериритет. Не сакаат никој да експериментира со македонските национални чувства, а дополнителното усложнување на и онака сложената состојба, ја доведува во прашање нивната егзистенција.

– Ние земјоделците, Македонци, Албанци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци, сакаме да живееме во заедничка држава, Република Македонија, која нема чекор по чекор некој да ја менува, се додека не ја растури – изјави Кирил Митев, земјоделец од Свети Николе.

Според Трајче Станојков, жител на Свети Николе, еднаш се направи територијална поделба. – Сега не може повеќе да се дели оваа држава зашто немаме друга, рече Станојков.

Получасовниот протест, посочија земјоделците, е само еден од начините да покажат дека се овде и дека со сите сили, како што рекоа, ќе ја бранат земјава, со сите нејзини обележја на самостојна, суверена држава и ќе се спротистават на секоја идеја за нејзино редефинирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top