Откако пред неколку дена, Вејн Руни јавно изјави дека не помислува на трансфер во Кина и дека сака кариерата да ја продолжи во Премиер лигата, низ социјалните мрежи започнаа шпекулациите за неговата иднина во Англија. Некои пишуваат дека ќе остане уште долго на „Олд Трафорд“, но има и некои кои силно веруваат дека Руни ќе се врати таму од каде што дојде, во Евертон.
За оваа шпекулации се огласи и менаџерот на „карамелите“ Роналд Куман, кој вели дека со Руни во тимот Евертон ќе биде далеку посилен, но откри дека засега не е воспоставен никаков контакт со капитенот на Англија и Јунајтед.
– Мислам дека Руни го направи вистинскиот потег со останувањето во Манчестер Јунајтед и Премиер лигата. Пред него има уште две-три сезони играње квалитетен фудбал. Не знам што ќе се случи по крајот на сезоната. Според мое мислење со Руни во тимот, Евертон ќе биде далеку посилен клуб, отколку што е сега. Но, најважно е што посакува Руни и што му е потребно на Јунајтед, а ние не се мешаме во тоа. Секој играч кој може да го засили нашиот тим е добредојден тука – изјави Куман.
Руни е дете на Евертон, а во Манчестер се пресели во 2004 година и стана жива легенда на „црвените ѓаволи“. Покрај тоа што е долгогодишен капитен на тимот, тој е и прв стрелец во историјата со 250 постигнати голови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.