| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските радиостаници користат „бесплатен бензин“

Македонските радија бесплатно точат бензин, и тоа не само македонски – вели Паоло Сфеци, претставник на хрватското здружение Хузип, кој деновиве претстојува на регионална конференција за заштита на сродните права на произведувачите на фонограми  и на уметниците музички изведувачи.

Тој смета дека бесплатното  користење на музика од страна на радијата е исто како  автомобилите да користат бесплатен  бензин за да функционираат. Вели, не само македонски бензин, туки и хрватски, англиски , амерички… Обвини дека радијата и телевизиите се најголемите приратери во земјава

– Разочаран сум од она што го гледам во Македонија. Се опструира спроведувањето на законот. Осумдесет до деведесет отсто од програмата на радио станците е музика, а тие не сакаат да платат за користење. Тоа се минимални трошоци.  Ова е цивилизациски срам. Некој ја користи туѓата креација бесплатно. Музиката е единствената содржина за која не се плаќа. Она што јас сакам да го доживеам е во Македонија да не се зборува дали тоа треба да се плати, може да се зборува евентуално за тоа колку треба да се плати. Дали треба да се плати тоа го пишува во Законот, кој во Македонија е донесен пред многу години, а 10 години подоцна ние зборуваме дали треба да се плати – вели Сфеци.

Тој ообјаснува дека на почетокот и во Хрватска имало обиди да се зибегне оваа давачка. Плаќале само 17 отсто. Денес наплатата е над 90 отсто. Секој оној што избегнувал да плати за користење музика бил даден на суд, а пресудите биле во корист на Здружението.

-Вашиот Тоше Проески беше член на нашето здружение. Денес неговото семејство добива пари од Хрватска за пуштање на песните на Тоше. Тоа не се мали пари. Музиката е наследството кое им го остави Тоше – вели хрватскиот претставник.

Грегор Штиберник од Здружението на изведувачи на Словенија, изрази надеж дека свеста ќе се промени. Вели едно кафуле треба да го одвои прометот од едно продадено кафе во текот на денот за да ги плати давачките кон ММИ.

– Ниту едно кафуле во Македонија не е без пари за да не може да плати цена за музика колку што е цената на едно кафе. Музиката е поважна од ентериерот во кафулето. Најголем дел од гостите одат во одредено кафуле заради музиката,а не заради столицата за седење. Најбитен елемент на некоја современа земја е интелектуалната сопственост и Македонија ќе се разликува од другите земји по својата музика, храна итн.. Се што бараат изведувачите и производителите на фонограмите за своите сродни права од радио станциите е четири пет отсто од приходите да користат за користење 80 отсто музика, рече Штиберник.

Тој потенцира дека во Словенија радио станциите плаќаат 50 центи за еден час музика, а во Македонија таа цена би била уште пониска.

Бодан Арсовски, директорот на македонското здружение ММИ вели дека Министерството за култура треба похрабро да излезе со став и да го заштити правото на изведувачите и на продуцентите.

-На сите напади и клевети кон Македонската музичка индустрија-ММИ, често пати неосновани, очекувавме поголема заштита од Министерството. Требаше да заземат појасен и поконкретен став дека ова право е право кое мора да се остварува. Министерството е тоа што ги пропишува правилата како тоа да се прави и дека тоа треба да се оствари.  Се најавува и менување на Законот, кој досега воопшто не заживеа,  што е чудно.

На денешната прес –конференција беше разговарано и за спорниот момент помеѓу македонските телевизии и ММИ. Телевизиите сметаат дека користат видеорами, а не фонограми, за кои ММИ нема право да наплаќа. Од страна на странските претставници на вакви здруженија беше објаснето дека такво толкување нема никаде во светот. Во интернационалниот закон било нагласено дека правата на фонограми не се укинати во користењето на видео материјали, односно не се укинуваат правата за наплата на фонограми доколку истите бидат употребени како поткрепа на некое видео.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top