| четврток, 6 декември 2018 |

Саем за градежништво и саем за недвижности од 28 февруари до 4 март

Од 28 февруари до 4 март ќе се одржат 14. Меѓународен саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација и 7. RealExpo – Меѓународен саем на недвижности – саеми кои се од клучна значајност за промоција на најголемите стопански гранки во Република Македонија.

На Саемот на градежништво ќе се нудат и продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти и имоти. Бројот на изложувачи и оваа година достигна голема бројка на компании кои ќе бидат распоредени во три саемски хали. Целта на Саемот на градежништво е да го задржи и промовира растот на оваа стопанска гранка и да им понуди на посетителите директен пристап до најдобрите компании кои функционираат во овој сектор. Воедно, саемот се очекува да привлече и голем број на експерти кои ќе ја имаат можноста да се запознаат со новите трендови во градежништвото.

На Саемот за недвижнини – RealExpo ќе учествуваат голем број на компании кои ќе ги изложат своите понуди за станбени објекти. На овој саем посетителите ќе ја имаат можноста да разгледаат голем опус на станови како една од најважните животни одлуки.

За време на саемот, експерти од областа на енергетската ефикасност ќе ги презентираат мерките и придобивките од воведување на системи и методи за енергетска заштеда. Енергетската ефикасност полека станува значаен дел од градежната индустрија и заинтересираните граѓани за време на саемот ќе ја имаат можноста да се запознаат со најдобрите начини за заштеда на енергија во објектите.

На трети март  во 15 часот во „Дипломатик“ салата на Скопски саем ќе се одржи и трибина на тема „Вредноста на македонската архитектура денес“ во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Скопски саем. На трибината ќе се разговара за вреднувањето на професијата архитект во Македонија, цените на проектирање по кои работат архитектите и нивото на квалитет при имплементација на проектите во градба. На трибината е планирано да говорат архитекти од пракса.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top