| четврток, 6 декември 2018 |

Поскапо паркирање и возење пар-непар против загадувањето

Воведувањето на системот пар-непар и поскапото паркирање ќе бидат едни од првите мерки што ќе се применуваат во случаите на алармантно загадување на воздухот. Ова го заклучила Владата на РМ на својата неодамнешна седница на која биле разгледувани предлог-мерките на Министерството за животна средина и просторно планирање за намалување на загадувањето на воздухот.

– Министерството за внатрешни работи е задолжено во најбрз можен рок да направи измени и дополни на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата со цел овозможување спроведување на наредбата за ограничување на сообраќајот, односно воведување на мерката пар-непар. Им се препорача на советите на општините и претпријатијата за јавен паркинг да ја разгледаат можноста за зголемување на цената на паркинг услугата при надминување на прагот на алармирање, со што би се стимулирало користењето јавен транспорт, како и друг вид алтернативен превоз – се наведува во соопштението.

Освен ова, сите органи на државната управа се задолжени, а е препорачано и укажано на агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, како и на единиците на локална самоуправа, да ја преполоват употребата на службените возила при надминување на прагот на алармирање.

– На ЈП „Македонски шуми“ му е укажано во рок од еден месец да изготви и до Владата да достави анализа за состојбата на дрвната маса што се користи за огрев од домаќинствата во Република Македонија во однос на процентот на влажност. Во рок од два месеца треба да изготви и до Владата да достави план за постепено постигнување на стандардот од 20 отсто влажност на дрвната маса што се користи за огрев од домаќинствата во државата – се потенцира во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top