| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерно прикажан „Мајстор Чинго“, видео омаж за Живко Чинго

Премиера на видео-омаж за македонскиот романсиер и драмски писател Живко Чинго (1935-1987) насловен „Мајстор Чинго“, во режија на Љубиша Георгиевски се одржа вечерва во Кинотеката на Македонија.

Проектот е реализиран на иницијатива на Кинотеката на Македонија со поддршка на Министерството за култура, а по повод 80-годишнината од раѓањето на Чинго.

Во присуство на членови на семејството, пријатели, почитувачи на делото на Чинго, на настанот се обрати министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која истакна дека станува збор за документарен запис посветен на наследството кое големиот Чинго го остави на македонската култура и ги содржи сите важни биографски, библиографски и филмографски податоци и настани повзани со неговиот животен и творечки пат.

видео омаж чинго

– Живко Чинго е оригинална појава во македонската книжевност, тој е автор кој секогаш со секое препрочитување отвора нови слоеви во идеалите и пораките кои ги пренесува неговата длабоко национална проза. Тој е автор, кој зад себе остави една силна, потресна поетска историја на едно трауматско време. Како и сите големи писатели со својот уметнички напишан збор Чинго ја заокружи епохара во која живееше, далеку пред падот на Берлинскиот ѕид и историјата на комунизмот. Со својата раскажувачка драматика, со длабокото идеолошко понирање во индивидуалните и колективни судбини на своите јунаци, овој мајстор на пишаниот збор остави трајни, длабоки траги во македонската култура и во позиционирањето на македонската книжевност во свтески рамки,  рече Канческа Милевска.

Таа изрази надеж дека видео-омажот посветен на Чинго реализиран со поддршка на Министерството за култура и режиран од македонскиот бард Љубиша Георгиевски уште многу години ќе биде едно сеќавање на најдраматичните момемнти од неговиот кус и творечки исполнет живот, моменти кои, посочи, одбележаа една трагична судбина, слична на судбината на неговиот Кејтен од „Големата вода“, во потрагата по слободата на творештвото.

Живко Чинго е автор на сценаријата за неколку играни и документарни филмови како „Жед“ во режија на Димитрија Османли, „Поле“ и „Пчеларник“. Делата на Чинго се инспирација и за сценаријата на играните филмови „Татко – колнати сме Ирина“ во режија на Коле Ангеловски, „Големата вода“ во режија на Иво Трајков, како и ТВ проектот „Заминувањето од Псквелија“.

Директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски истакна дека нема сомневање оти Чинго остави белег во македонската кинематографија, а неговите раскази и драми и во иднина ќе послужат како сценаристичка подлошка на некои нови млади и талентирани филмски автори.

– Видео-омажот е резултат на напорот да се одбележи и овековечи животот на Чинго онака како што го паметат неговите најблиски – семејството, современиците, пријателите, рече Грујоски.

Сценариото за видео-омажот е на Сашо Миленковски избрано на конкурс, а продуцент е Петар Џуровски. Филмот наскоро ќе биде прикажан на МТВ и на другите национални телевизии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top