Со мулти-медијалниот проект “Сподели Радост”, КИЦ на Република Македонија во Софија на 17 февруари (петок) ја стартува пред публиката во Софија културната понуда за 2017 година.
Вечерта посветена на македонската поезија, песна и ликовна уметност, концепциски ја осмислија актерот Иван Калошев и режисерот Ѓорги Георгиев-Антика. Ќе бидат интерпретирани познати стихови од Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Михаил Ренџов,Светлана Христова Јоциќ, Катица Ќулавкова, Лилјана Дирјан и други.
Во ликовниот дел од програмата ќе бидат претставени дела од Маријана Иванова, Марјан Ѕин, Перица Георгиев-Пепси, Зоран Мише, Павел Целкоски, Горан Тричковски, Слободан Милошевски и Иво Пецов. Овој проект, во кој активно се вклучени македонски уметници кои студираат, живеат и работат во Бугарија, оваа година веќе има добиено покани за претставување во Пловдив, Асеновград, Созопол, Банско и Сандански.
Настанот ќе го отвори директорот на македонскиот Центар во Софија Васко Шутаров, кој на публиката ќе и ја претстави и годишната програма за работа на Културно-информативниот центар на Р. Македонија во Софија во 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.