Светислав Ѓуриќ повеќето скопјани го знаат не само од популарните кафулиња, туку и од неговата емисија „Риби, мамци и други тракатанци“, која се емитуваше на програмата на телевизијата „Телма“. Последниве шест-седум години живее на друг континент. И тоа не кој било, Африка. Кога некој ќе ви рече: „Живеам во Африка“, веднаш пред вас се создава егзотична слика на широки предели, лавови и жирафи што слободно шетаат околу вас…слики што сме имале можност да ги видиме само на документарните емисии или репортажи на телевизија. Но, еве ја приказната на Светислав, кој во моментов работи како крупие во казино во Замбија.
– Моето прво искуство со казиното беше во далечната 1989 година. Тогаш работев како шанкер во популарното скопско кафуле „Тифани“, собиралиште на сите познати „фаци“ во Скопје. Природата на таа работа е таква што се создава блискост со гостите, а меѓу нив имаше и такви што беа чести гости на тогашните казина во Скопје, како: Саше Старото, Кујтим, Барлак, Нано… И слушајќи ги нивните приказни и исповеди, кој колку добил, што играл, како му паднал најсилниот број, решив да одам со нив и да видам што е тоа казино – раскажува Светислав. – Најпознато казино во тоа време беше „Гранд казино“ во истоимениот хотел, денешен „Холидеј ин“. Прекрасно уредена просторија, дискретно светло над масите, крупиеја елегантно облечени и секогаш насмеани и љубезни со гостите… И, секако, карактеристичниот звук на топчето додека се врти во рулетот и тропкањето на жетоните – вели тој.
Влегувањето во казино има и друга, не толку розова страна, но Светислав вели дека никогаш не бил коцкар, ниту го привлекувал хазардот.
– Во казиното на животот секогаш играм зихер. Иако има една песна на Балашевиќ, која вели дека коцкарот се крие во секој од нас и го чека вистинскиот час, мислам дека не е така. И додека моите пријатели играа и се натпреваруваа со рулетот, мене ме фасцинираше нешто друго: држењето и отменоста на дилерите (крупиејата) и „пит босовите“, како и леснотијата со која излегуваа на крај во пресметките при исплатата. Си реков, ова е вистинската работа за мене – раскажува Светислав.
Набргу „Лотарија на Македонија“ најавува дека ќе го отвори најдоброто и најмодерно казино во градот „Чери казино“ (Cherry Casino) и Светислав таму ја гледа својата шанса.
– Поднесов документи и ме примија на курсот за крупиеjа со уште педесетина други кандидати. Во тоа време „Чери казино“ беше голема корпорација со повеќе од 150 казина насекаде низ светот. Имавме инструктори од Англија, Србија и, секако, од Македонија. Курсот траеше цели шест месеци и за тоа време научив сѐ што треба да знам за да можам да ја водам играта „рулет“, „блек џек“ и „карибиан покер“, а тоа не било толку лесно колку што ми изгледаше додека гледав од страна во „Гранд казино“. Треба да бидеш максимално фокусиран, одморен, пред сѐ затоа што работата во казино е навечер, и, секако, насмеан и пријатен со гостите.
По ова искуство, Светислав сменил неколку локации знаејќи дека е во вистинската професија.
– Во тоа време во Скопје имаше околу 10 казина. Тоа значеше многу места за работа. А, секогаш се бараат искусни дилери.
Но, од друга страна, ноќната работа е напорна и не е лесна.
– Еден период направив пауза. Бев млад и додека сите мои врсници излегуваа и се забавуваа, јас работев, а наутро спиев. Животот ми беше комплетно поинаков од другите. Се вработив во телевизијата „Телма“ и почнав да водам разни емисии, меѓу кои и емисијата за мојата пасија – риболовот. Сѐ беше во ред, но сѐ уште во глава ми тропкаше звукот на рулетот. И знаев дека кога-тогаш ќе се вратам – објаснува Светислав.
И, навистина, се вратил. По пауза од неколку години се вработил во казиното на хотелот „Александар палас“.
Паузата немаше никакво влијание. Како никогаш да не сум излегол од казино. Тоа што ќе го научиш таму засекогаш ти останува в глава. Исто како кога ќе научиш да возиш велосипед – никогаш не забораваш.
Казиното во „Александар палас“ станало најважната алка во неговиот живот. Таму се запознал со Ангелина, неговата сопруга, но таму го запознал и човекот што ќе го упати токму во Африка.
– Во тоа казино менаџер беше човек од Шкотска, Енди Мекгрегори. Се спријателивме веднаш бидејќи делевме иста пасија – риболовот. Во еден од нашите многубројни долги разговори споменав дека, можеби, е време да побарам работа во странство, пред сѐ, мислев на земјите во Европа или во САД. Но, овој човек ми даде совет, кој го промени мојот живот засекогаш. Ми рече: не знам зошто, но сите дилери размислуваат за тие дестинации. Послушај ме мене и пробај во Африка. Немаш претстава колку е убав тој континент. Ти гарантирам дека нема да се разочараш.
И Светислав ја прифатил неговата сугестија, преку интернет ги нашол речиси сите казина во Африка, но советот на неговиот пријател бил Кенија, Јужна Африка, Танзанија…
– Во тој момент во Кенија немаше потреба од луѓе од мојата бранша, но веднаш под Кенија е Танзанија, каде што најдов еден оглас во кој бараа работници обучени за работа во казино. Стапив во контакт со сопственикот на казиното, испратив биографија и по четири месеци добив известување дека работата е моја, заедно со инструкции за тоа каде одам, што да очекувам, како да се подготвам, што да понесам со себе…
Веднаш потоа почнува авантурата наречена Африка. Светислав и Ангелина на 22 февруари стигнале во Муанза, мало гратче на брегот на Викторија лејк, со 2.800 жители.
– Нѐ пречекаа на аеродром и нѐ сместија во куќа со двор од 5.000 квадратни метри. Во него дрвја со портокали, манго, авокадо… Наутро звуци на 100 различни птици, а неретко се случуваше мали мајмунчиња да влезат во дворот и да јадат од плодовите на дрвјата. Рај на земјата – се сеќава Светислав.
Бргу се приспособиле на околината, зашто, како што вели и самиот, човек бргу се приспособува на убавина.
– Климата е одлична, не е многу топло, никогаш не е студено и, што е најважно, нема влага. Таму останавме една година, а потоа се преселивме во најголемиот трговски град во Танзанија, Дар ес Салам. Прекрасен град на Индиски Океан, но со таа разлика што таму беше потопло и имаше многу влага поради близината на океанот. Сопствениците на казината во овој дел од Африка се поврзани меѓу себе и споделуваат информации. Така, по една година, сопственикот на казиното во кое работев ми предложи да одам во Замбија затоа што негов пријател отворал големо казино во Лусака и му требале луѓе да ја водат работата. Не размислувавме премногу. Сакав да видам што е можно повеќе од Африка и така за овие шест-седум години, преку работата, престојуваме во неколку африкански земји – Танзанија, Кенија, Малави, Гана и Замбија.
Во моментов Светислав заедно со сопругата Ангелина живеат во Лусака во Замбија, каде што работат во казино, а со нив е и нивната ќеркичка, малата Олгица, која има две и пол години. Таа е родена во Скопје, а во Африка е од шестмесечна возраст. Досега го видела тоа што многу деца ниту на сон не можат да го замислат. За неа Африка е единствениот дом што го знае.
пишува Невена Поповска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.